Адеми: Преспа е пример за регион кој активно се залага за зачувување на природните вредности

Дополнителни 1,3 милиони швајцарски франци за Проектот за заштита на Преспанското Езеро обезбеди швајцарската Влада. Проектот со вкупна вредност од 6,3 милиони швајцарски франци е заснован на Планот за управување со сливот на Преспанското Езеро.

Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми денеска на прес-конференција рече дека проектот кој е еден од најзначајните во Преспа, покрај заштита на Езерото има за цел да го поттикне и социо-економскиот развој на регионот. - Во текот на изминатите години, Преспа стана пример за регион кој многу активно се залага за зачувување на природните вредности преку спроведување бројни позитивни иницијативи. Како резултат на тоа во голема мерка се намалени притисоците врз езерскиот екосистем кои доаѓаат од несоодветното управување со отпадот и отпадните води, користењето на ресурсите, загадувањето...Новоодобрените средства доаѓаат во вистинско време, посочи Адеми.

Швајцарскиот амбасадор Стефано Лазарото истакна дека во преспанскиот регион се обидуваат да ги подобрат животните услови на локалното население, но и да ја зачуваат неговата убавина и богата биолошка разновидност. Посочи дека за луѓето кои живеат во преспанскиот регион, квалитетот на водата во Езерото е од суштинско значење. - Во изминатите повеќе од 20 години, Швајцарија ја поддржува Македонија во областите главно поврзани со демократизацијата, владеење на правото, децентрализацијата и одржливото управување со природните и водните ресурси. На полето на економски развој ќе се фокусираме на прилагодувањето на економскиот систем кон општествена пазарна економија, која создава работни места и развој, рече Лазарото.

Постојаниот претставник на УНДП, Алесандро Фракасети рече дека иако останува многу да се направи, веќе се постигнати голем број значајни резултати: земјоделските практики се подобрени од 2006 година досега, обновен е еколошки најдеградираниот дел од Голема Река, воведен е систем на управување со цврстиот комунален отпад на територијата на целиот преспански регион... - Овие најнови постигнувања вклучуваат и подигнување шумски расадник за автохтони дрвни видови со чија помош ќе се обезбедат потребните садници за идните пошумувања во регионот. Пред пет месеци беше воспоставен модел на демонстративен овошен насад за агроеколошки практики со чија помош ќе се интензивираат обуките за земјоделските производители итн. Одржливоста на Преспанското Езеро главно зависи од посветеноста и визијата за заштита на водите и животната средина во државата, додаде Фракасети. 

најчитано сега