Економијата на здрави нозе: Продолжува трендот на раст на индустриското производство

Трендот на раст на индустриското производство кој започна минатата година продолжува и во 2016-та. Според последните податоци на Државниот завод за статистика, индустриското производство во јануари 2016 година, во однос на јануари 2015 година, пораснало за 8%, пишува Лидер.

Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во јануари 2016 година, во однос на јануари 2015 година, бележи опаѓање од 2,7%, во секторот Преработувачка индустрија бележи пораст од 6,4%, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација бележи пораст од 13,1%.

Според главните индустриски групи, производството во јануари 2016 година, во однос на јануари 2015 година, бележи пораст кај Енергија за 15% и Капитални производи за 29,8%, додека опаѓање бележи кај Интермедијарни производи, освен енергија за 0,1%, Трајни производи за широка потрошувачка за 20,6% и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 1%.

Растот на индустриското проиводство во 2015-та година, во споредба со 2014-та е поголем за речиси 5%. Ваквиот раст ќе продолжи и во првите неколку месеци од годинава, сметаат бизнисмените, а клучен, според нив, ќе биде степенот на реализација на капиталните инвестиции, особено во изборна година.

„Процентот ќе биде вака висок бидејќи во последните пет месеци имаме во просек над 11%, значи двоцифрен раст. Ќе треба да причекаме, но ние сме оптимисти“, вели Митко Алексов, извршен директор на Сојузот на Стопански Комори.

Растот на производството значи отворање на нови работни места

За познавачите на пазарот, клучно е тоа што растот на индустиското производство повлекува и отворање на нови работни места.

„Има најави дека ќе се зголеми бројот на компании кои ќе работат во технолошко индустриските развојни зони. Значи тие од своја страна ќе придонесат за зголемувања на бројот на вработиувањата, а исто така и секторот услуги е голем работодавач“, вели Алексов.

Растот на индустриското производство со двоцифрени стапки е позитивен тренд и ќе овозможи да се испорачаат планираните стапки на економски раст и во 2016-та. Според надлежните, ова е показател дека политиките се правилно поставени.

„Растот на производството сигурно ќе повлече и раст на профитот во индустријата и отворање нови работни места. Секако, за ова свое влијание имаат и многуте мерки што ги презема Владата, многуте проекти за олеснување на бизнисот за подобрување на бизнис климата за подобри услови за компаниите за правење бизнис. Во тој дел ние ќе продолжиме максимално да правиме напори и понатаму да ја подобруваме бизнис климата за да овозможиме на компаниите да направат што е можно подобри резултати и да отворат што е можно повеќе нови работни места“, рече неодамна првиот човек на владејачката партија, Никола Груевски.

Според економските аналитичари, и покрај сложена политичка ситуација овие показатели пропратени со силниот раст на индустријата, претставуваат силен одговор на стопанството дека долгорочните и добро поставени економски политики се услов за раст на економијата.

Силен двигател на растот, покрај преработувачката индустрија, според експертите, продолжува да биде и градежништвото, како и останатите 20 индустриски сектори кои се поврзани со него.

 

 
 
09.03.2016 - 14:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега