НБРМ: Можен повисок раст од очекуваниот за 2015 година

Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ на вчерашната седница ги разгледал состојбите во домашната економија, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика, при што било одлучено на аукција да се понудат благајнички записи на ниво од 25.500 милиони денари, со непроменета каматна стапка од 3,25 проценти.

Како што соопшти денеска Народната банка на Македонија најновите показатели покажуваат дека домашната економија и понатаму расте со солидно темпо, делумно поддржана од кредитната активност на домашните банки. Економското закрепнување се одвива без ценовни притисоци и без притисоци во надворешниот сектор.Девизните резерви и понатаму се на соодветно ниво, коешто е доволно за справување со евентуални непредвидени шокови во иднина. Што се однесува на ефектите врз домашната економија, поврзани со домашните политички случувања, се оценува дека тие се ограничени.

Појаснуваат дека и понатаму постои неизвесност во окружувањето, што создава ризици за следниот период. Во вакви услови, излегувањето од зоната на приспособлива монетарна политика во следниот период ќе зависи од понатамошното стабилизирање на домашниот политички контекст и нeговите ефекти врз економијата, како и од промените во надворешната позиција и ефектите врз девизните резерви.

- Најновите макроекономски показатели не упатуваат на поголеми промени во амбиентот за водење на монетарната политика. Во реалниот сектор и понатаму се задржуваат поволните трендови. Високофреквентните индикатори навестуваат продолжување на поволните движења и во текот на првиот квартал на 2016 година. По растот на БДП од 3,5 проценти во третиот квартал, најновите расположливи показатели упатуваат на веројатно задржување на солидното темпо на раст и во четвртиот квартал при поволни движења регистрирани во главните економски сектори. Досегашните движења кај показателите за економската активност упатуваат на можност за умерено повисок раст во 2015 година од очекуваниот. Сепак, и покрај овие поволни движења, неизвесното глобално закрепнување, а особено неповолните услови на глобалниот пазар на метали и неизвесноста заради домашните политички случувања и понатаму остануваат ризици коишто може да влијаат на темпото на идното закрепнување, се наведува во соопштението.

Во однос на инфлациските остварувања, од НБРМ информираат дека во првите два месеца од 2016 година, општото ниво на цени во домашната економија оствари умерен раст, во просек за 0,1 процент на годишна основа. Остварувањата се пониски од очекуваните, што заедно со надолните ревизии на претпоставките за увозните цени на енергијата и храната продолжува да упатува на надолни ризици за проекцијата за инфлацијата за следната година. Сепак, треба да се има предвид големата неизвесност околу идното движење на светските цени на нафтата и можноста за нагли промени кај оваа категорија.

Последните податоци за девизните резерви (припособени за ефектите од ценовните и курсните разлики и ценовните промени на хартиите од вредност) заклучно со февруари, покажуваат умерено намалување од почетокот на 2016 година. Промените кај девизните резерви од почетокот на годината се во рамки на октомвриската проекција, а показателите на адекватноста на девизните резерви остануваат во сигурната зона. 

- На девизниот пазар беа регистрирани вообичаени сезонски движења, при што нето-побарувачката на девизи за потребите на економските субјекти се задржа на нивото од претходниот месец. Во услови на сѐ уште ниска девизна ликвидност на банкарскиот систем поради одливи за отплата на обврски кон странство во претходниот месец, и во февруари беше забележана зголемена побарувачка на девизи на меѓубанкарскиот девизен пазар што услови одржување на девизниот курс на релативно високо ниво. Во такви околности, Народната банка интервенираше со продажба на девизи кон средината на месецот. Во последната недела од февруари под влијание на приливи на девизни средства во банкарскиот систем дојде до умерено стабилизирање на движењата на девизниот пазар и надолно придвижување на девизниот курс, се вели во сооштението. 

Во однос на досега расположливите показатели за надворешниот сектор, податоците за трговскиот дефицит се подобри од очекуваните, додека индиректните показатели за приватните трансфери не покажуваат отстапување од проекциите. Сепак, периодот на кој се однесуваат податоците е многу кус за да може да се извлечат посигурни заклучоци.

Додека пак кај кредитниот пазар, првичните податоци за февруари покажуваат зголемување на кредитите на приватниот сектор на месечна основа, што следи по намалувањето остварено во јануари 2016 година. Месечното зголемување на кредитите е резултат на зголеменото кредитирање на корпоративниот сектор, иако умерен раст остварија и кредитите на домаќинствата. Годишната стапка на раст на вкупните кредити во февруари изнесува околу 9 проценти и е над проекцијата за првиот квартал на 2016 година.

Во однос на депозитниот потенцијал, по намалувањето во јануари, во февруари вкупните депозити остварија раст, при што нивната годишна динамика на раст во февруари ги надмина очекувањата за првото тримесечје во рамки на октомвриските проекции.

Ликвидноста на банките под влијание на автономните фактори во февруари се зголеми, а банките го насочија вишокот ликвидни средства во расположливите депозити кај Народната банка. Воедно, подобрената ликвидност во февруари услови пониска трговска активност на меѓубанкарскиот пазар на пари, и тоа како сегментот на необезбедени депозити, така и на секундарниот пазар со хартии од вредност.

Од НБРМ информираат дека во февруари, на меѓународните финансиски пазари имало загриженост за глобалниот економски раст и состојбите на финансиските институции. Во такви услови, се зголемила побарувачката на инвеститорите за безбедни финансиски инструменти, што довело до пад на цените на акциите, раст на цените на државните хартии од вредност и раст на цената на златото. Исто така, постигнатиот договор на земјите производители на нафта за ограничување на месечното производство на нивото од почетокот на годината, овозможило стабилизирање и постепена умерена нагорна корекција на цената на нафтата.

- Општо земено, последните остварувања укажуваат на задржување слична макроекономска слика, како и оценетата во рамки на октомвриските проекции, со солиден економски и кредитен раст, отсуство на ценовни притисоци и платнобилансна позиција којашто обезбедува натамошно одржување на девизните резерви на адекватно ниво, стои во соопштението.

Според НБРМ ризиците произлегуваат од надворешното, но и од неизвесното домашно окружување. Во однос на надворешните фактори тие и натаму се поврзани со евентуалните промени во динамиката на заздравување на глобалниот економски раст и движењата на цените на примарните производи на светските берзи. Во однос на домашните ризици, и покрај тоа што во досегашниот период нивното влијание беше релативно мало и ограничено, оддолжувањето на неизвесноста поврзана со политичките случувања доведува до можност таа да се прелее во економијата заради поголема воздржаност на домашните и на странските субјекти.

- Сепак, дел од ризиците се ублажени со мерките на НБРМ кај инструментот задолжителна резерва, коишто имаат за цел понатамошна поддршка на долгорочното штедење во домашна валута, и со тоа поддршка на процесот на „денаризација“ на економијата. Во иста насока се и декемвриските пакет-мерки за забавување на брзиот раст на долгорочни потрошувачки кредити, кои истовремено овозможуваат и олеснување на условите за финансирање на корпоративниот сектор, вклучително и замалите и средните претпријатија. Нестандардната мерка кај задолжителната резерва за системски значајните сектори за домашната економија е во насока на натамошна поддршка на кредитирањето на нето-извозниците и домашните производители на електрична енергија, информираат од народната банка.

Од НБРМ најавуваат дека и во следниот период внимателно ќе ги следат движењата и доколку е потребно, ќе направат соодветни промени во монетарната политика за успешно остварување на целите на монетарната политика.

 
 
09.03.2016 - 14:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега