Се повеќе патници: Македонските аеродроми уриваат рекорди

Продолжува трендот на раст на бројот на патници на аеродромите во земјава благодарение на проектот на владата за финансиска поддршка за поттикнување и развој на воздушниот сообраќај. Само во првите два месеца од годинава, од двата аеродрома во Македонија, „Александар Велики“ во Скопје и „Св. Апостол Павле“ во Охрид, се превезени вкупно 219.378 патници, што е за 27,9 проценти повеќе во споредба со истиот период минатата година, пишува Лидер.

На аеродромот „Александар Велики“ во Скопје, во периодот јануари – февруари 2016 година регистрирани се вкупно 211.696 патници што во споредба со истиот период од минатата година кога биле превезени 168.388 патници, претставува зголемување од 25,7 отсто.

На аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид за периодот јануари-февруари 2016 година, превезени се 7.682 патници, што покажува раст од 148,4 проценти во споредба со истиот период од 2015 година кога биле превезени 3.092 патници.

Податоците покажуваат дека од почетокот на годинава најзастапени дестинации според бројот на патници за периодот јануари- февруари се Цирих со 12,2, Истанбул со 12, Малме со 5,6, Базел со 5,2, Лондон со 5,1 и Виена со 4,8 отсто.

Во 2015-та година, пак, за 22 проценти е зголемен бројот на превезените патници во однос на претходната 2014-та година. Изминатата година над 1.560.000 патници ги користеле услугите на македонските аеродроми. За 11 проценти, пак, е зголемен и бројот на воздухопловни операции.

Новите дестинации и евтините авиобилети го вратија интересот за летање

Новите дестинации и евтините авиобилети го вратија интересот за летање, што се гледа и од статистиката. Ако порано македонските аеродроми оперираа со бројка на превезени патници од околу 600 илјади, сега сликата е комплетно променета. Во 2013-та за првпат е натфрлен милионот и оттогаш има постојат раст, па оттука и се и очекувањата дека во претстојните години ќе се надмине бројката од 2 милиона.

Македонските граѓани сега полесно се поврзани со европските метрополи. Се зголемува бројот на дестинации до кои може да се стаса од земјава. На редот на летање се ставени: Барселона, Базел, Белград, Брисел, Келн, Дортмунд, Дубаи, Дизелдорф, Ајндховен, Франкфурт, Фридрихшафен, Женева, Гетеборг, Хамбург, Истанбул, Љубљана, Лондон, Малме, Милано, Минхен, Нирнберг, Осло, Париз, Рим, Стокхолм, Венеција, Виена, Загреб, Цирих, Сплит. Од мај годинава, повторно ќе биде воспоставен и директниот лет Скопје- Прага, а и „Катар ервејс“ од октомври најави воспоставување директен лет меѓу Скопје и Доха.

Од скопскиот аеродром ќе се оперира до 35 дестинации, Истанбул останува најпопуларна дестинација

Ако во 2005-та година се летало само кон 15 дестинации, годинава ќе се оперира кон 35. Споредено со пред 10 години, бројот на патници е тројно зголемен, од 500 илјади на 1,5 милион.

Од јуни, македонската метропола воздушно ќе се поврзе и со Братислава, Копенхаген и Берлин. Со новите линии, надлежните очекуваат зголемување на приливот на туристи, продлабочување на бизнис конекциите, но и раст на карго превозот.

Статистиката на ТАВ Македонија покажува дека најфрекфентни дестинации се Истанбул, Цирих, Виена, Малме, Базел и Лондон. Сè повеќе се зголемува интересот и за новите дестинации од Скопје како Женева, Фридрихшафен, Осло, Барселона, Хамбург и Нирнбег, како и две од Охрид- до Лондон и до Базел.

Меѓу првите дестинации се Истанбул, Малме, Базел, Цирих, исто така многу атрактивна дестинација е Барселона, пред сè како резултат на евтините билети. Многу користена е и интерконтиненталната линија кон Дубаи, вели првиот човек на ТАВ Македонија, Зоран Крстевски.

Најголем удел во превозот на патници има унгарската „Виз ер“, па следуваат „Туркиш ерлајнс“, „Аустријан ерлајнс“, „Пегасус ерлајнс“, „Ер Србија“ и „Еделвејс“.

 
 
15.03.2016 - 08:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега