Коневски: Зеленила нема да се уништуваат, ќе градиме онаму каде што е дозволено

Градоначалникот на општина Аеродром, Ивица Коневски потенцира дека Аеродром ќе остане најурбаната општина со најголеми зелени површини.

ivica-konevski-telma

Тој гостуваше во Топ Тема на Телма телевизија.

-Деталните урбанистички планови ги прават урбанистите кои се за тоа образувани и работат во секторот за урбанизам. Секој кој сака да промени нешто има можност и право да поднесе барање за промена на деталниот урбанистички план. Во Аеродром никогаш каде што имало зелена површина не сме изградиле зграда, ниту пак сме нацртале маркица за подоцна да се изгради. Општината во најголем дел се финансира од изградба на нови објекти, а средствата се инвестираат во зеленила, клупи, фонтани и се она што е потребно за добро на општината и граѓаните. Најмногу зелени површини има во Аеродром и градиме уште многу зелени паркови. Се изградија многу фонтани, катни гаражи, се поставија клупи и пешачки патеки кои даваат првичен впечаток за општината. Нема да дозволам уништување на постоечките зелени површини. Како градоначалник ќе се залагам за зачувување на зеленилата кои се препознатливи за нашата општина, рече градоначалникот.

Тој истакна дека не е точно дека ќе се градат повеќе од 40 згради.

-Донесен е урбанистички план, анкетата е завршена. Тоа се однесува за делот кај Вардариште, тој дел е руиниран и не изгледа убаво. Сакаме да го средиме тој дел од општината. Кај Острово ќе се изгради некоја зграда. Се работи за три локации, две се покрај Железничката станица каде што сега има трошни куќи и другата локација е кај Мајчин дом, земјиште кое што е приватно. Во моментов имаме неколку изградени објекти и е во градежна зона. Во општината имаше анкета на која граѓаните се изјаснуваа, тоа беше нивна желба и јас го испочитував тоа. Воопшто не беше тоа донесување на урбанистички план, туку нацрт план. Навистина не гледам ништо спорно, имаме петнаесет дена и има доста време да се разгледа планот и да се додаде нешто или да се најде замерка од било која страна. Не се согласувам со мојата соговорничка, секогаш секоја точка била објаснета и образложена. Не е проблемот во тоа како и кој го донел, туку дали навистина има потреба од промена на урбанистичкиот план во Општина Аеродром, вели Коневски.

Во Топ тема тој потенцира дека намерата на општината не е да се уништат зеленилата, и вели „ќе градиме и ќе дозволуваме градби секаде каде што е дозволено“.

 
 
05.04.2016 - 20:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега