Експертите согласни: Продлабочувањето на политичка криза носи поголема штета за економијата

Продлабочувањето на политичката криза нанесува дополнителна штета на компаниите и на економијата во целост, согласни се експертите. Компаниите не можат да функционираат во целосна неизвесност, бизнисот стои, инвестициите тапкаат во место. Изборите се единствена светла точка на која се надеваат компаниите за да можат да продолжат со реализација на своите планови, пишува Лидер.

Минатата година политичката криза си го зема својот данок. Се очекуваше економски раст од над 4%, а завршивме со 3,7% . Оваа година очекувањата се дека тој тренд на раст ќе продолжи, но според аналитичарите, и оваа година ќе треба да се плати одреден данок од политичката нестабилност.

Политичката неизвесност не е добар амбиент за економијата и за нови инвестиции, ниту, пак, за потрошувачката на домаќинствата. Колку постабилен политички амбиент имаме токлу е подобро за економскиот раст и за долгорочниот развој на Македонија, смета гувернерот на НБРМ, Димитар Богов.

-Не би коментирал политички случувања, тоа ќе им го оставам на политичарите. Минатата година имавме политичка криза и грчка должничка криза, но македонската економија покажа дека има здрави фундаменти и во тие услови немавме некои потешки последици, освен што растот не беше толкав колку што очекувавме, изјави Богов.

Македонскиот бизнис-сектор е загрижен од дополнителното вжештување на политичката криза во земјава, која и онака трае долго.  Дел од бизнисмените се подготвуваат за броење на штетите.

-Политичката нестабилност многу негативно се одрази и од неа сигурно ќе настрада македонската економија, стопанството, и на крајот најголеми штети ќе имаат обичните граѓани. Политичката криза ќе има многу лошо влијание врз бруто-домашниот производ на земјава, врз зголемување на дефицитот во меѓународната трговска размена, и најнегативно ќе влијае врз стандардот на обичните граѓани, и тоа најсиромашните. Тие ќе претрпат најголеми штети, бидејќи, познато е дека се кине таму каде што е најтенко, вели Зоран Витанов, претседател на Асоцијацијата на менаџери на Македонија.

Бизнисот е загрижен од продлабочување на политичката криза во земјава. Досега се обидувавме да бидеме оптимисти, но сега светло на крајот од тунелот не гледаме- смета претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска.

-Верувам дека сите оние кои што го пратат бизнисот, не само оние кои се директно инволвирани во него, гледаат дека оваа ситуација води кон комплетно уништување на бизнисот, а со тоа ќе настане одреден пад на македонската економија, особено во оној дел кој се темели на приватниот сектор, вели Арсовска.

Разрешницата на кризата важна за бизнисот

Многу е важно да се знае дека ќе има разрешница на целата оваа ситуација, бидејќи може да настане назадување на планираните инвестиции, а тоа веќе се гледа на пазарот. Веќе се работи за опстанок на компаниите, на бизнисите. Крајниот резултат – би бил намалување на бројот на работни места и незадоволство кај граѓаните.

-Дали ќе има избори во еден или друг месец е од непроценлива важност за компаниите, бидејќи за нив е најважно да се знае кога ќе заврши неизвесноста. Во овој период не можеме да зборуваме за никакви инвестиции, велат од Сојузот на стопански комори.

Бизнисот е едногласен- оваа криза претставува дупка без дно која го јаде приватниот сектор, граѓаните, работодавачите, работниците, сите кои што се инволвирани. Дополнителен проблем е што оние компании кои имале развојна компонента, истата не ја планираат повеќе. Тие нарачките кои им се загарантирани ќе ги остварат, но она со кое што планирале да го надминат производството или да го зголемат бројот на партнерите, со цел да го зголемат извозот, во овој момент нема да се случи, велат познавачите на пазарот.

Разврска на политичката криза за да не трпи стопанството

Политичката криза има негативно влијаени врз бизнисот, особено во делот на на одредени планови за развој или инвестициски планови кои ги имале компаниите.

-Политичката неизвесност има влијание врз работата на бизнисите, поради силната корелација што психолошкиот аспект и неизвесноста ја имаат врз деловните потфати и економијата во целина. Има најави од одредени наши членки дека планираните инвестиции ќе се одложат за периодот по изборите, односно до стабилизација на политичката клима, вели претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Неби Хоџа.

Голем број компании се воздржани во носењето на инвестициските одлуки, развојните планови се ставени во фиока во очекување на подобри времиња, потенцијалите не се искористуваат, а и граѓаните не трошат пари.

-Сметам дека има голем одраз, особено кај мали и средни фирми, каде што нивниот профит и успех се цени токму од потрошувачката на граѓаните, вели бизнисменот Зоре Темелковски.

Разврска на политичката криза чекаат домашните инвеститори, чекаат и странските инвеститори кои работат во Македонија и отвораат нови работни места. Резервираноста на пазарот веќе се гледа – укажуваат економистите.

 

 

 
 
08.04.2016 - 09:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега