Нови шест македонски компании воведоа Халал стандард - кои се тие?

Алкалоид, Витаминка, Анета компани, Виапром, Шест браќа и ХИТ 73 се шесте компании на кои денеска  им беа врачени Халал сертификатите со што им се отвори можност за извоз на пазар со 1,8 милијарди жители.

- Воведувањето на Халал сиситемот ја подобрува конкурентноста на компаниите и им отвора можност за настап на нови пазари. Препознавајќи го тоа Министерството за економија веќе  четврта година по ред дава субвенциии за воведување Халал системи преку кофинасисрање на 70 отсто од докажаните трошоци, но не повеќе од 200 илјади денари поединечно, рече министерот за економија Дритон Кучи, нагласувајќи дека годинава за оваа намена се одвоени речиси два милиони денари.

Тој ги повика сите стопанственици да аплицираат на јавниот повик за воведување Халал систем, бидејќи, како што рече, воведувањето на овој стандард додава дополнителна вредност на производите и услугите и ги приближува производите до синонимот „здрава храна со минимално количество на адитиви“ за кои расте интересот на потрошувачите независно на верската припадност.

- Халал значи дозволено кај исламската религија, но пошироко значи квалитет на одреден вид производи и услуги. Светскиот пазар на халал се проценува на 650 милијарди долари, а европскиот околу 66 милијарди годишно и е најбрзорастечки со стапка на пораст од дури 40 отсто на годишно ниво. Над 80 отсто од светската трговија со халал производи ја прават немуслиманските земји кои се и најголемите извозници на халал производи. Дури две третини од консументите на халал производи не се муслимани, но за нив  овој стандард стана синоним за здрава храна, рече Кучи и посочи дека токму тоа треба да го искористат нашите компании што го воведоа овој стандард.

Директорот на Агенцијата за Халал стандард при ИВЗ, муфтијата Мухамер Вејсели појасни дека Халал стандардот подразбира дополнителна сигурност во прехранбената индустрија и е гаранција дека производите се здрави, квалитетни и не содржат канцерогени елементи, штетни бои, ароми, адитиви и емулгатори кои се забранети со исламските прописи, што подразбира допонителна сигурност за здравјето на човекот.

-  За едно мало стопанство како што е нашето можностите на халал пазарот се големи и се силен економски предизвик. Кога ќе се спомен халал стандардот најчесто се мисли на месо и месните производи сепак, овој стандард се однесува на целокупната прехранбена индустрија, млекото и млечните производи, кондиторската индустрија, производство на мед, делови на хемиската индустрија, фармацијата и козметиката, кожарската индустрија, производството на вода за пиење, банкарството и градежништвото, рече Вејсели.

Тој посочи  дека во последните неколку години посебно внимание има и халал туризмот кој годишно расте по 20 отсто и ги повика сите туристички агенции во земјата да посочат внимание на ова поле, земајќи ги предвид природните и климатските услови што ги има Македонија за летен и зимски туризам. 

Досега 33 македонски компании од прехранбена индустрија, производството на млеко и млечни производи, месо и месни производи, вода за пиење, кланици и живинарски фарми имаат добиено сертификати за воведување Халал стандард, а осум се во фаза на имплементација.

Процедурата за воведување на овој стандард, како што велат од ИВЗ, трае од пет дена до една година во зависност од начинот на кој компанијата ги исполнува барањата, а чини од 1.000 до 6.000 евра. Договорот за воведување на Халал стандардот е со важност од три години, а сертификатот се издава секоја година. Со Халал стандардот може да се извезува во целиот свет, а е задолжителен во сите земји членки на Конференцијата на исламските земји.

Во светот околу 1,8 милијарди луѓе припадници на исламската вера живеат според халал правилата, односно тоа се потенцијални купувачи на халал производите. Халал пазарот вреди 2,3 билиони долари, а се предвидува дека до 2020 год ќе надмине 6 билиони долари на светско ниво. Во Европа халал пазарот изнесува околу 70 милијарди долари, а во нашиот регион околу 2 милијарди долари. 

 
 
12.04.2016 - 15:37
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега