Хаос синоќа на скопските улици: Четири лица во болница

Вкупно 17 сообраќајни незгоди се случиле во текот на вчерашниот ден на подрачјето на Скопје. Во четири од нив со полесни повреди се здобиле четири лица, а во останатите 13 сообраќајки предизвикана е материјална штета.

Како што информира за МИА самостојниот инспектор Драган Вељаноски од СВР - Скопје, во текот на изминатиот ден по спроведените контроли над учесниците во сообраќајот од страна на сообраќајната полиција, откриени и санкционирани се поголем број на прекршоци. 

Осум возачи не ги почитувале ограничувањата на брзината на движење, пет возачи поминале на црвено светло на семафор и 10 возачи за време на управување на возилото не го користеле сигурносниот појас или го користеле мобилниот телефон.

Санкционирани се и 22 пешаци кои поминале надвор од обележан пешачки премин или, пак, на црвено светло.

Со помош на специјалното возило во текот на изминатиот ден отстранети се 48 возила.

Отсекот за превенција при Единицата за безбедност во патниот сообраќај денеска ќе одржи сообраќајна поука во 19 часот во Полициската станица од општа надлежност Гази Баба на која ќе присуствуваат граѓани кои направиле прекршоци по разни основи во својство на пешаци.

Во делот на превентивните активности ќе се одржат едукативни работилници со учениците од второ одделение во ОУ „Глигор Прчилев“, а во рамките на проектот „Сообраќајна култура на децата од предучилишна возраст“ ќе бидат реализирани едукативни работилници во детската градинка „Детска радост“ во објектите „Сончоглед“ и „Калинка“ кои се наоѓаат на подрачјето на општина Гази Баба.

За денеска нема најавено вонредни настани со што се очекува сообраќајот да се одвива тековно и според постоечката сообраќајна регулатива

 
 
14.04.2016 - 09:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега