Раул: Потребна ни е помош од навивачите за победа над Веспрем

Ракометарите на Вардар во сабота од 16 часот го играат првиот четвртфинален натпревар од Лигата на шампионите. Во Скопје во СЦ „Јане Сандански“ доаѓа унгарскиот Веспрем, големиот ривал од последните сезони од Лигата на шампионите и СЕХА лигата.

Во таборот на „црвено-црните“ се свесни за обврската што ги очекува, но умерени се во најавите за дуелот и на денешната прес-конференција тренерот Раул Гонзалез посочи дека Веспрем е добар противник.

- Треба да играме добра одбрана и да го искористиме контранападот. Веспрем игра многу добра одбрана, нивните играчи се движат брзо и добро играат во контра. Имаат добри играчи како Палмарсон, Чема Родригез, Наѓ,... Добро трениравме оваа недела. Треба да се фокусираме на овој натпревар. За разликата никогаш не се знае, може да биде и мала разлика, рече Гонзалес

Потребна ни е, нагласи, и помош од навивачите како и секогаш, бидејќи сакаме да играме „фајнл фор“ во Лигата на шампионите.

Стојанче Стоилов за противникот од четвртфиналето истакна дека добро ја познаваат екипата на Веспрем.

- Веспрем ни е последна пречка за пласман на „Ф4“. Неколку пати игравме овие години. Добро се познаваме и фаворитската улога ќе им ја препуштам ним. Одбраната ќе го реши натпреварот, тие се искусни, но ние ќе одиме на победа, речеСтоилов.

Околу повредените играчи Раул изјави дека Филип Лазаров сега почна со тренинзи, а во подобра кондиција е и Сергеј Горбок.

Годинава во рамките на СЕХА лигата двата натпревара завршија нерешено (24:24 во Веспрем и 30:30 во Скопје), додека во финалето на СЕХА лигата во Вараждин Веспрем победи со 28:26.

Натпреварот ќе го судат Стеван Пишо и Лоран Ревере од Франција.

 
 
21.04.2016 - 13:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега