Македонците во Белгија го прославија Велигден

Со пригодна литургија на струмичкиот отец Боро Милчев, македонската дијаспора во Белгија синоќа во црквата „Сен Мишел“ („Свети Михаил“) во населбата Монтгомери во Брисел го дочека големиот православен празник Велигден, јави дописникот на МИА од белгиската и европска престолнина.

Христосовото Воскресение, како најстар и најголем празник на православните Христијани, синоќа во Брисел го дочекаа Македонците што живеат и работат во Белгија, а посакувајќи им здравје и среќа, во говорот по литургијата, отец Боро испрати порака на македонската дијаспора за сплотеност со цел зачувување на македонското единство насекаде ширум светот.
            
– Велигден и Христовото воскресение е суштина на Христијанството и потврда на самата вера, бидејќи како што рекол Светиот Апостол Павле: „Ако Христос не воскреснеше, празна ќе беше и нашата вера“. Затоа, да се држиме до верата и да си помагаме едни на други за сплотено да придонесеме и да се надмине оваа т.н. мала политичка криза во нашата татковина Република Македонија, им порача отец Боро на насобраните Македонци.
            
Покрај Македонците што со години и децении живеат и работат во Белгија, во голем број на вчерашната Велигденска литургија во храмот „Сен Мишел“ присуствуваа и македонските дипломати од Aмбасадата на Република Македонија при Кралството Белгија, но и од македонските Постојани мисии при Европската унија и НАТО. Сите нив ги предводеше амбасадорот на Македонија во Северната Алијанса, Зоран Дабиќ.
            
Покрај Македонци и македонски граѓани, на вчерашниот Велигденски собир во храмот во Брисел присуствуваа и бројни гости од други националности и религии, заинтересирани да присуствуваат на свечениот чин на најголемиот православен христијански празник.
 
 
01.05.2016 - 11:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега