Експертите согласни: Ако не се стави крај на кризата ќе пати економијата

Ако политичката криза продолжи, растот на македонската економија ќе се преполови, велат последните прогнози на Народната банка на Република Македонија. Се проценува дека економијата ќе забави, растот наместо 3,5 проценти, до крајот на годинава ќе достигне најмногу 1,6 проценти. Ќе се намалат потрошувачката, инвестициите, девизните резерви, пишува Лидер.мк.

-Ваквата ситуација ќе влијае на инвеститорите, очекуваме пониски странски директни инвестиции и намалени домашни инвестиции. Исто така се очекуваат понеповолни движења на пазарот на труд, и секако ризици за финансирање на економијата. Сето ова доведува до последици како намалена кредитна активност, намалена извозна активност, помал економски раст, помалку креирање работни места, но и доста ниско ценовно ниво, вели гувернерот на НБРМ, Димитар Богов.

Паниката на девизниот пазар е присутна, но не е толку изразена последниве денови. Мерките кои ги воведува централната банка се очекува да дадат резултат.

Покрај тоа што НБРМ ја зголеми кредитната стапка на благајничките записи на 4 проценти, централната банка донесе и нови дополнителни монетарни мерки. Подобрени се условите за пласирање девизни депозити на домашните банки во НБРМ. Се очекува мерката да придонесе за намалување на трошоците на домашните банки и да предизвика раст на депозитната база.

Изгубија оние кои ги подигнаа штедните влогови и ги заменија девизите

Паниката на девизниот пазар, предизвикана од политичката криза која предолго трае, не е ништо ново во Македонија, а централната банка и доволно инструменти и капацитет да се справи со истата. Според поранешниот гувернер, Љубе Трпевски, ова е трета банкарска паника во Македонија.

-Првата беше 1999-та за време на бомбардирање на НАТО на поранешна Југославија, кога имаше голем бран на бегалци од Косово. Втората во 2001-ва година кога имаше внатрешен конфликт. Ова е тратата паника, која веќе се надминува и е најблага. Преземените мерки се очекувани и се во одбрана на денарот како национална валута. За разлика од кризите во минатото, сега и Народната банка е многу поспремна и со добар кадар, а исто така и банките се многу поздрави, добро капитализирани и со висока ликвидност, па затоа нема потреба од паника. Во однос на сегашните случувања, изгубија само оние кои ги подигнаа штедните влогови и ги заменија девизите, а добија банките“, објаснува Трпевски во разговор во Отвореното студио на ТВ Нова.

Според него има доволно инструменти и мерки што и стојат на располагање на НБРМ да се одбрани од ваквите случаи и ситуации. Тој апелираше дека мора оваа полтичика криза да се реши, во спротивно сите тонеме и економијата ќе пати.

Трпевски вели дека дека курсот на денарот сѐ уште е реален и се води политика на фиксен курс.

-Народната банка на Република Македонија има доволно инструменти и девизни резерви за да се брани курсот. Мислам дека веќе е смирена ситуацијата и кулминацијата на паниката помина. Останува уште и политичката криза да биде решена и се надевам дека наскоро и тоа ќе се случи. Ако кризата продолжи не очекуваат алтернативни сценарија кои не се добри за државата. Сите мерки најавени се за зајакнување на позицијата на денарот. Каматите ќе бидат повисоки на денарските депозити и ќе се стимулира давање на денарски кредити, тоа се адекватни мерки бидејќи се е ставено во одбрана на денарот. Нема потреба од грижа“, истакна тој.

Банките нема веднаш да ги зголемат каматните стапки

Банките се ликвидни и имаат доволно пари. Финансискиот сектор е стабилен и покрај турбуленциите кои се случуваат на пазарот. Првиот човек на Шпаркасе банка, Глигор Бишев, вели дека банките нема веднаш да ги зголемат каматните стапки, по одлуката на централната банка, туку ќе се прилагодат на ситуацијата.

„Во таква покомплицирана политичка и економска ситуација ќе се обидеме во следните 10-15 денови да опстоиме. Најлошо е да имате јо-јо однесување, денеска да направите мерка а утре да видите дека таа мерка не била базирана на фундаменталните фактори“, вели Бишев за ТВ Нова.

Според него, НБРМ да сакаше да повлече веднаш ликвидност, ќе го направеше тоа преку мерките, но ја оставија ликвидноста на банкарскиот сектор.

-Тие кажаа ја дигаме каматната стапка, ќе го браниме денарот, но не повикаа ликвидност од банкарскиот сектор. Затоа не смееме да ги зголемиме, па веднаш да ги намалиме каматните стапки. Ќе продолжиме да се однесуваме нормално. За да го задржиме кредибилитетот, не смееме да ги зголемиме денес каматните стапки и утре да ги повлечеме. Народна банка ни вели внимавајте со ликвидноста, па ние ќе ги следиме мерките и ќе го прилагодиме нашето однесување. Имаме сериозна ситуација која се обидуваме да не ја направиме покомплицирана“, објаснува првиот човек на Шпаркасе банка.

Денaрот останува стабилен

Универзитетскиот професор Трајко Славески, во отвореното студио на ТВ Нова, истакна дека се зголемува интересеот на штедење на домашната валута, па можеме да бидеме комотни дека денарот е стабилен.

-Сите анализи од домашните институции, како и монетарниот фонт укажуваат дека реалниот девизен курс на Република Македнија е врамнотежен, односно не отстапува од неговата врзаност за еврото. Далеку сме од некои нарушувања, дали од политичка, безбедносна природа, барем во овој период може да бидеме комотни дека денарот е стабилен, а мерките на Централна банка се само мал дел од нивниот арсенал. При услови на продлабочување на кризата централната банка располага со доволно инструменти за да ја задржи контролата“, вели Слаевски.

Од друга страна, пак, доколку кризата на политички план продолжи, силен удар ќе примат странските директни инвестиции. Според Славески, инвеститорите сакаат да имаат доверба пред да инвестираат.

„Во 2007-2008 година бев дел од владини делегации каде разговаравме со инвеститори. Се случи финансиската криза во 2008 и десетици ги одложија своите инвестиции. Инвеститорите се чувствутелни во однос на вложувањата и ќе размислат неколку пати дали да инвестираат. Довербата тешко се стекнува, а лесно се губи“, изјави универзитетскиот професор Трајко Славески во отвореното студио на ТВ Нова.

 
 
06.05.2016 - 09:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега