Во недела сите кај Порта Македонија: Над 7.000 учесници на Виз Ер Скопскиот Маратон

Над 7.000 учесници од 46 држави ќе се натпреваруваат на годинашниов „Виз Ер Скопски Маратон“, кој ќе се одржи в недела. Почетокот е во 8.45 часот кај порта „Македонија“.

Пријавените учесници можат денеска и утре, од 10 до 19 часот, да ги подигнат своите стартни броеви во холот на Конгресниот центар „Александар Македонски“ во Скопје, (поранешна Универзална сала).

- Град Скопје, организаторите и големиот број волонтери реализираат веќе интернационално афирмиран спортски настан на кој секоја година се пријавуваат се повеќе професионалци, рекреативци, граѓани, ученици од основните и од средните училишта, пријатели на спортот и на позитивната енергија, рече на денешната прес-конференција скопскиот градоначалник Коце Трајановски. И годинава за манифестацијата Град Скопје од својот буџет издвои 1.200.000 денари, а ги стави на располагање и сите јавни градски претпријатија.

За Град Скопје и за Република Македонија, како што рече, маратонот има културна, економска и туристичка димензија, толку потребна за афирмирање на имиџот на нашиот главен град и на нашата држава.

- Ги повикувам граѓаните на Скопје да излезат в недела во што поголем број, да им пожелат добредојде и да им дадат силна поддршка на овие храбри спортисти и рекреативци, а сите заедно да се дружиме и да го прославиме и Денот на Европа, рече Трајановски.

Директорот на „Виз Ер Скопскиот Маратон“ Кире Синадиновски информира дека постои голем интерес за маратонот, од нашите граѓани, но и од странство. Ги покани сите заинтересирани да ги проследат трките-маратон, полумаратон, штафетната трка и трката на пет километри.

Оваа година „Виз Ер Скопскиот Маратон“ е дел од онлајн платформата Codoon, која е наменета само за кинески корисници. На оваа платформа доброволно се пријавуваат лица кои ќе трчаат на различни локации во Кина, во исто време кога ќе се одржува и маратонот во Скопје на 8 мај. Досега се имаат пријавено над 80.000 тркачи во Кина.

Дванаесеттото издание на маратонот е под покровителство на Град Скопје и Мисијата на Европската унија. Наградниот фонд на маратонот изнесува 17.100 евра. 

 
 
06.05.2016 - 14:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега