Првата група холандски туристи пристигна во Охрид

Добредојде на гостите им посака охридскиот градоначалникот Бакрачески кој во оваа прилика им посочи на се она што Македонија може да им го понуди.

- Емоционално сме поврзани со туристите од Холандија, преку пријателството што датира децении наназад. Последните две години, благодарение на Амбсадата на Кралството на Холандија и агенциите, бројот на туристи од Холандија постојано расте, рече Бакрачески порачувајќи им на гостите да го чувствуваат Охрид како свој град исто онака како што охриѓани ги сметаат холандските туристи како свои пријатели.

Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Трајков изрази очекувања за зголемување на вкупниот број туристи од Холандија, но и двоцифрен раст на вкупниот број гости кои ќе летуваат во Македонија.

- Мислам дека направивме извинредна промотивна кампања, преку учество на 12 меѓународни туристички саеми. Изготвивме нов пропаганден материјал, нови  брошури направени на 13 јазици. Она што агенцијата го работи веќе цел месец е интензивна кампања за електронска промоција преку „Гугл“, а почнуваме и промотивни кампањи на нашата туристичка понуда преку Интернет, како и принтани медиуми односно билборди во 15-тина земји, рече Трајков, изразувајќи уверување дека вкупниот број туристи од странство оваа година ќе ја надмине бројката од 400 илјади гости кои ќе летуваат во Македонија.

Според последните информации од претставништвата на двата тур-оператори, како и на нивните македонски партнери, досега за летување во Македонија тур-операторот „ТУИ“ има продадено 2.500 аранжмани, додека „Корендон“ има продадено повеќе од 5.600 аранжмани за престој на туристи со 7, 9, 10 и повеќе ноќевања.

најчитано сега