Дали останатите ќе ја искористат можноста лично да побараат укинување на аболицијата?

Дали обвинителите на СЈО, сопругот на Радмила Шекеринска, обвинетите во „Пуч“ и другите останати ќе поднесат индивидуално барање за повлекување на аболицијата, после одлуката на претседателот Иванов кој остави простор да постапи по личните барања доколку некој сака да ја искористи законската можност? Ова е клучното прашање кое се поставува во јавноста откако претседателот Ѓорге Иванов вчера одлучи да ја укине аболицијата само за 22 политички експонирани лица.

-Во согласност со Законот за дополнување на Законот за помилување, донесов одлука за поништување на одлуките за помилување – ослободување од гонење без спроведување на постапка за сите политички експонирани лица, вкупно дваесет и двајца. Сите други лица, согласно законските измени имаат можност да поднесат лични барања за поништување на нивните одлуки за помилување. Бев обвинуван дека сум сакал да ги заштитам политичарите, дека сум креирал селективна правда, дека политичарите се над законите. Не сакам веќе никој да има сомнеж. Ниту еден политичар не е над законот. Ниту еден политичар не е недопирлив. Напротив, секој ќе одговара за своите постапки, рече претседателот Иванов во своето обраќање, пишува Курир.

Она што дополнитело како дилема се поставува во јавноста е дали барањата поднесени пред донесување на Законот, претседателот ќе ги третира како да се во согласност со законот. Правни експерти велат дека во моментот кога тие барања биле поднесени, со оглед дека го немало законот, претседателот Иванов не можел да постапи. После вчерашниот негов повик, според експертите посоодветно е секој одново да поднесе лично барање.

Од СЈО велат дека јавните обвинители од ова јавно обвинителство што беа помилувани од претседателот Иванов, веќе имаат поднесено барање за повлекување на помилувањето уште пред да бидат донесени измените на законот, така што очекуваат претседателот да постапи по овие барања и да ја отповика аболицијата.

Во однос на прашањето дали согласно измените во Законот за помилување ќе поднесат тројцата обвинители нови барања до претседателот за повлекување на аболицијата со оглед на фактот што претседателот немаше законски основ да постапи по претходните, од СЈО велат:

-Со оглед на фактот што по поднесените барања Претседателот Иванов нема сеуште донесено одлука, не постои правна пречка да одлучи сега по поднесените барања, а согласно важечката законска регулатива. Сепак, доколку по претходните барања се одлучи негативно, секако дека ќе видат поднесени нови барања, иако повторно укажуваме дека не постојат правни пречки за постапување на Претседателот бидејќи обвинителите јасно ја изразуваат својата волја помилувањата да бидат повлечени.

Специјалните обвинители Фатиме Фетаи, Лиле Стефанова и кумот на адвокатот на Заев, Филип Медарски- Гаврил Бубевски, исто така се најдоа меѓу помилуваните од претседателот Ѓорѓе Иванов за кои вчера не беше повлечена аболицијата. Инаку, тие беа гонети поради сомнежи дека вршеле притисок врз сведоци.

Обвинителите се осомничени дека сториле малтретирање во вршење на службата. Од Основното јавно обвинителство потврдија дека до нив се поднесени една тужба против три и против непознати лица за малтретирање во вршење на служба и втора во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција против лице вработено во полиција за незаконско влијаење врз сведоци.

Според пријавата лицето било посетено од непознати лица кои му се претставиле како истражители од СЈО, а кои дрско и со закана го убедувале да прими покана и да се јави на разговор во Обвинителството на Јанева. Малтретирањето, според пријавата на лицето, продолжило откако истото се појавило во Специјалното обвинителство, каде како што вели било уценувано и психички малтретирано од тројца обвинители кои барале да појасни службена процедура која воопшто не ја работи. Обвинителите од тимот на Јанева тука се застанале. Според подносителот на пријавата, паднале и закани дека ќе биде обвинет/а и „дебело ќе одговара”.

„Гледаш ли Никола Груевски што прави од државата и како не уназадува? Ти имаш фамилија, соработувај инаку ова нема тука да застане”.

Спротивно на законот, членови на тимот на Катица Јанева се јавувале на приватни телефони и испраќале пораки, повикувајќи лица во ресторани или на паркинзи. На едно од повиканите лица, дури е нуден и поткуп за да даде исказ во согласност со насоките кои ги добиле од нивната претпоставена.

 
 
28.05.2016 - 15:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега