Божиновски: Избирачкиот список е изговор за СДСМ да не одат на избори

Oд почетокот на политичката криза e јасно дека СДСМ не сака избори и дека негова единствена цел е да дојде на власт и да остане што е можно подолго, по можност до редовните избори во 2018 година, вели политичкиот аналитичар Владимир Божиновски, пишува Телеграф.мк.

Веќе на сите им е јасно дека условите што СДСМ ги поставува се само изговор за да не излезе на избори. Тоа му успеа двапати, но сега работите не одат во негова корист.

Поради тоа, раководството на СДСМ мора да го храбри своето членство дека наскоро ќе се формира некаква концентрациона, широка коалиција или техничка влада, иако знаат дека нема да се случи и дека избори ќе има тогаш кога опозицијата ќе собере храброст да се соочи со гласачите, вели политичкиот аналитичар Владимир Божиновски.

Тој во разговор за Телеграф.мк објаснува дека од почетокот на политичката криза било јасно дека СДСМ не сака избори и дека негова единствена цел е да дојде на власт и да остане што е можно подолго, по можност до редовните избори во 2018 година.

– Дотогаш требаше да се бараат некакви аргументи за одложување на изборите, и тоа на пократки рокови, да се одржуваат тензиите и да се обидат да создадат критична маса на луѓе кои би ги поддржале, слично како во 2001 година. Тие се надеваат дека доколку има дестабилизација, ќе се промени расположението кај гласачите. Од СДСМ знаат дека ќе изгубат на изборите и затоа мора постојано да ги одложуваат, што е можно подолго – вели Божиновски за Телеграф.мк.

Според него, јасно е дека Избирачкиот список е прочистен и дека СДСМ не може да игра на таа карта. Потребно е да се најде начин Зоран Заев конечно да се натера да дојде на избори.

– Можеби треба да се формира комисија во Собранието од сите партии која ќе направи проверка и мониторинг на Избирачкиот список за СДСМ да нема изговори да бега од избори. Во СДСМ мора да разберат дека за да ги прифатат граѓаните, мора да имаат платформа и програма – нагласува Божиновски.

Политичкиот аналитичар е дециден дека рејтинзите покажуваат дека СДСМ на изборите, кога и да се одржат, ќе доживее убедлив пораз и дека не успеал да ја зголеми поддршката кај гласачите.

 
 
01.06.2016 - 08:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега