Лекарската комора на Македонија одбележа 24 години од основањето

 

Лекарската комора на Македонија (ЛКМ) во изминативе 24 години се втемели како самостојна, професионална организација на докторите и се наметна како вистински партнер во општеството и во креирањето на здравствените политики, односно стана почитувана и компетентна професионална асоцијација со јавни овластувања. Ова денеска го истакна претседателот на Лекарската комора на Македонија, проф. Кочо Чакалароски на свечениот собир, што се одржа по повод 5 јуни, Денот на Комората.

Тој посочи дека Лекарската комора на Македонија останува отворена за идеи, мислења, предлози...

- Како професионална асоцијација Комората отсекогаш била принципиелна, кооперативна и отворена за соработка. Во таа насока ќе го продолжиме нашето дејствување - транспарентно, сериозно и одговорно. Преку органите и телата на Лекарската комора во текот на минатата година беа иницирани голем број решенија, предлози измени...Дел од нив се реализираа, на други и натаму се работи, рече Чакалароски.

Нагласи дека во текот на минатата година се направени повеќе измени и дополнувања на Законот за здравствена заштита, Законот за здравствено осигурување, се подготвуваа подзаконските акти во врска со Законот за медицински студии и континуирана медицинска едукација, како и други нормативни акти, прв пат се донесе и Закон за слободни медицински зони, а Лекарската комора се вклучи во расправите по предложените решенија и со конкретни предлози, сугестии и забелешки настојуваше да ги подобри законските проекти.

Донесен е, потенцира, Закон за слободни здравствени зони со кој, се обезбедуваат поволни услови за привлекување странски инвестиции во областа на здравството, се привлекува најсовремена здравствена технологија и се поттикнува здравствениот туризам.

Информира дека Лекарската комора, Македонското лекарско друштво и Министерството за здравство потпишаа Повелба за заштита и унапредување на докторската професија и донесување на Закон за докторска дејност со која јавно се обврзаа дека ќе работат на заштита и унапредување на докторската професија преку донесување на Закон за докторска дејност.

- Во соработката со ФЗОМ активностите на Комората беа насочени на преговори за актуелни проблеми со кои се соочуваат докторите во текот на работењето и договарањето за начинот на плаќање на здравствените услуги. Во текот на минатата година ЛКМ oрганизираше 6 испитни сесии за полагање на стручен испит, спроведе неколку вонредни стручни надзори, aкредитираше 208 барања за стручни активности, спроведе обука и проверка на стручни знаења и способности на 31 доктор на медицина кои од различни причини не ги исполнуваа условите за продолжување на лиценца за работа..., рече Чакалароски.

Поднесени се 825 барања од доктори за добивање на лиценца за работа, од кои 289 за прв пат се стекнале со лиценца, додека 285 доктори се стекнале со специјалистички лиценци, а во процесот на релиценцирање беа опфатени 251 доктор.

- Издадени се повеќе времени лиценци на доктори - странски државјани за обука и едукација на наши доктори поднесени од здравствени установи, како и 120 барања за времени лиценци на странски државјани за обука и едукација на наши доктори поднесени од Министерството за здравство и од невладината организација Интегритет Алфа Омега. Издадени се повеќе од 200 "good standing" потврди на доктори за едукација и работа во странство, истакна Чакалароски.

Лекарската комора на Македонија, додаде, во неколку наврати најостро реагираше на случаите на насилство над докторите и јавно ги осуди ваквите инциденти и побара целосно расветлување на случаите - согласно новите законски решенија со кои здравствените работници при укажување на здравствените услуги имаат статус на службени лица.

Според него, статусот на лекарите не е онаков каков што би требало да биде. - Имаме факултет кој најдолго трае - шест години и специјализација која трае во просек шест години, тоа се 12 години и кога ќе станете специјалист ќе добиете 30 илјади денари плата, а еден судија со четири години факултет и една година судиски испит заработува два или три пати повеќе од специјалистот. Мислам дека тоа не е правда што се однесува до платите на лекарите во јавниот сектор, рече Чакалароски. 

Во рамки на свеченоста беше доделена Плакетата „Св.Наум Охридски". Добитник на ова највисокото признание на Лекарската комора на Македонија годинава е д-р Мирослав Бојаџијевски од Скопје, од неодамна во пензија, кој најголемиот дел од својот професионален ангажман го помина како дел во тимот на Геронтолошкиот завод „13 ноември – Скопје”.

Бојаџијевски рече дека наградата за него не е само лична сатисфакција, туку е и сатисфакција за установата од каде потекнува.

- Ние сме навистина пионери во областа на геријатрија, геронтологија и на палијатива во Југоисточна Европа, додаде Бојаџијевски.

За несебичното залагање во работата и посветеноста на пациентите, Лекарската комора им додели благодарници на д-р Невзат Елези од Медицинскиот факултет во Тетово и д-р Сретимир Николовски, специјалист по интерна медицина од Крива Паланка.

Наградата за најдобар објавен стручен и научен труд во списанието „Vox medici” во 2015 година рамноправно ја поделија трудовите „Карбоцистеин во амбулантското лекување на егзацербациите на хроничниот бронхитис и хроничната опструктивна белодробна болест" од Јордан Минов, Јованка Краџинска -Бислимовска, Сашо Столески, Драган Мијакоски (Институт за медицина на трудот на Р. Македонија, Колаборативен центар на СЗО и Колаборативен центар на GA2LEN) и „Нутрофилна дисфункција предизвикана со злоупотреба на антибиотици кај децата" од Кристина С. Миронска од Универзитетската клиника за педијатрија.

На свечениот собир присуствуваа заменик-министерот за здравство Јовица Андовски, државниот секретар во Министерството за здравство, Насуф Ипчја, директорите на ФЗОМ, Сашо Стефаноски и Орхан Рамадани, директори на здравствени институции, доктори...

 
 
03.06.2016 - 14:51
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега