Почна проширувањето на улицата „Тодор Александров“

Скопскиот градоначалник Коце Трајановски денеска го означи почетокот на градежните работи за проширување и реконструкција на улицата „Тодор Александров“, прва фаза.

Улицата ќе се прошири на потегот од крстосницата со булеварот „Мајка Тереза“ и улицата „Белградска“, кај ОУ „Кочо Рацин“, до кракот на оваа улица што води кон „Панорама“, во должина од околу 600 метри.

- Со реализација на проектот за проширување и реконструкција, улицата „Тодор Александров“ ќе добие четири сообраќајни ленти, по две ленти во секоја насока, широки по три метри. Од двете страни на сообраќајницата ќе се формираат тротоари со ширина од два метра. На терен ќе се изврши и реконструкција на постојниот коловоз, стариот и оштетен асфалт ќе се изгребе, ќе се обнови носечкиот слој и ќе се нанесе нов асфалтен слој, рече Трајановски. 

Тој додаде дека ќе се реконструира и дел од коловозот на помалите улици што се вкрстуваат со улицата „Тодор Александров“, како што се улиците „Белградска“, „Партение Зографски“, „Тасино Чешмиче“ и „Славејко Арсов“.

- На проширувањето и реконструкција на улицата „Тодор Александров“ ќе работат екипите на градежната компанија „Жикол“ од Струмица. Град Скопје во овој проект ќе вложи околу 39 милиони денари. Рокот на изведба е околу 14 месеци, нагласи градоначалникот Трајановски.

Градежните работи на коловозот на улицата „Тодор Александров“ ќе се искористат за да се реконструира и дел од атмосферската канализација на оваа сообраќајница. Ќе се реконструира дел од фекалната мрежа и дел од водоводната мрежа на оваа улица.

По завршувањето на реконструкцијата на улицата „Тодор Александров “ќе се постави ново осветлување со 33 столба за улично осветлување, со висина од 8 метри.

Град Скопје апелира до сите учесници во сообраќајот да покажат трпение додека траат градежните работи, да ја прилагодат брзината на движење кон условите на патот и да ја почитуваат поставената патна сигнализација.

 
 
05.06.2016 - 13:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега