Собраниска расправа за интерпелацијата на Најденовска

Собранието на Република Македонија попладнево ја продолжи 103. седница на која се расправа за интерпелацијата за работата на претседателката на Комисијата за образование, наука и спорт, Олга Најденовска, поднесена од пратениците од СДСМ, НСДП, ЛДП и ПДТ. 

Пратеничката Олга Најденовска побара од опозициските пратеници да не ја нарекуваат жртва, ниту некој да ја брани. - Интерпелацијата е добро што е ставена на дневен ред и ја поздравувам, не за друго туку за тоа јавно да се проговори... нема жртви, нема бранење... Интерпелација не можете да поднесувате, Деловнички немате таква можност. Овде сум да се каже дека дискусиите што се отворија овде е да се покаже бесмисленоста на пратеничката група на СДСМ, бесмисленоста што ја работите на улиците, пред граѓаните, рече Најденовска. 

Пратеникот Крсто Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ, во реплика на Соња Мираковска од НСДП, рече дека ова што денес се случува во Собранието од страна на СДСМ е срамно и незапаметено во досегашната историја на Парламентот и упати апел до нив да престанат со ваквите игри и да се врати меѓусебната почит и колегијалност, но и разумот и нормалното функционирање. Побара расправата по оваа точка од дневниот ред да биде прекината. 

- Ова што денес го правите не е запаметено во историјата на Собранието на Република Македонија. Да се обидете да ставите личност, човек, колешка, на столбот на срамот заради прашање кое што вие треба да се срамите и кое што се обидувате денес да го спинувате, а тоа е неразумното однесување по прашањето на основање на нов Универзитет „Дамјан Груев“, рече Мукоски. Потсети дека пратениците од опозицијата кои го поднесоа барањето за интерпелција на претседателката на Комисијата за образование поднеле 1.000 амандмани од кои над 30 биле само за името Дамјан Груев.

Мукоски смета дека дека доколку сакаат да говорот и судат за работа на претседател на Комисија, прво да погледнат како пред неколку месеци, нивниот истакнат пратеник Петре Шилегов ја водеше ад-хок комисијата за прислушкуваните материјали и во колку наврати тој тогаш го прекрши Деловникот.  

Стефан Богоев од СДСМ, пак, рече дека Најденовска и ВМРО-ДПМНЕ целосно го урнисале образованието во Македонија, а зборуваше и за екстерното тестирање и други проекти од образованието на Владата. Тврди дека Најденовска не ги почитувала Деловникот за работа на Собранието и Уставот исто како што тоа го направил претседателот на државата Ѓорге Иванов со аболицијата.

- Комисијата за образование, наука и спорт наместо да биде најотворена за граѓаните, стана потешко место за пристап и од Пентагон, рече Богоев додавајќи дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ сакале по секоја цена да се формира, како што рече, контра-универзитет за вдомување партиски кадри. 

Во репликите, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ побараа одговор од Богоев дали и тој како претседател на младината на својата партија го поддржува ставот на СДСМ за случајот „Еразмус“, во кој има осомничени професори кои на студенти им земале пари за полагање испит. 

- Ќе ти веруваме за се што кажа ако и ти како дел од Студентскиот пленум, брутално ги осудеше обвинетите од Економскиот факултет што се поигрувале со студентските судбини, на твоите врсници, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Димитар Стевананџија.  

Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека Најденовска е една од најпримерните во Собранието, но и во однос на својата работа.

- Во врска со основањето на факултетот и спорот кој го наметна СДСМ за да не се изгласа тој закон, не е ниту заради Деловник ниту заради различни концепти, ниту заради претседавањето на Најденовска, тој е од страв на неколку влијателни членови на СДСМ кои се добро вгнездени на неколку факултети и не сакаат никаква конкуренција, рече Милошоски. 

Според Богоев, Одборот за акредитација што го поддржал формирањето на ваков универзитет е составен од луѓе блиски на ВМРО-ДПМНЕ.  

Седницата е прекината до 21: 30 часот поради Рамазанските пости.

 
 
07.06.2016 - 20:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега