Средба Димитриев - Хајндл: Со силен интензитет се работи на реализација на препораките

Клучно за Владата е остварување напредок на полето на евроинтеграциите, при што со силен интензитет се работи на реализација на препораките, истакна премиерот Емил Димитриев, на денешната средба во Владата со Јоханес Хајндл, германски специјален пратеник.

Како што соопшти Владината прес служба, Димитриев посочи дека се спроведуваат стотици реформски мерки кои ги иницираше Владата и на тој начин се надоместува периодот кога беа распишани изборите и кога таквите активности не одеа со динамиката која беше посакувана. 

- Премиерот Димитриев истакна дека сега со прецизен акциски план се задолжени сите државни институции, преку јасно дефинирана рамка за спроведување на препораките и реформите посочени од меѓународната заедница да се стигне до надоградување на стандардите во правосудството, јавната администрација, безбедносниот сектор, медиумите, меѓуетничките односи, се наведува во соопштението.

Димитриев, се додава, посочи дека дел од реформите ќе бидат спроведувани веднаш од институциите, за дел ќе расправа Владата и ќе одлучува Парламентот, а дел ќе бидат формулирани преку поширок политички дијалог. Тој подвлече, како што се наведува, дека еден голем сет реформи се направени и до сега, а со ваквиот активизам тие реформи ќе се надополнат и успешно ќе се завршат процесите кои се од  интерес на Република Македонија.

Соговорниците покрај за интеграциските процеси и чекорите кои се преземаат во рамките на акцискиот план за реализација на итните реформски приоритети на државата, на средбата разговараа и за актуелната политичка состојба, начините и можностите за нејзино надминување, при што Димитриев објасни дека во интерес на Владата е обезбедување услови за општествен и економски развој на Република Македонија и сите нејзини граѓани, стои во соопштението.

 
 
07.06.2016 - 20:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега