Техничка влада ќе има откако СДСМ ќе каже дека е пречистен избирачкиот список

Очаен обид на СДСМ без избор повторно да влезе во македонската Влада. Серија политички аналитичари предупредуваат дека повикот на опозицијата да се организираат избори во октомври без изјава дека е пречистен избирачкиот список не значи ништо повеќе од обична манипулација од кујните на Бихаќка која треба да обезбеди столче за опозициските функционери во владиниот кабинет.
Според нив, доколку власта падне на играта на опозицијата и прифати организација на избори во октомври, речи си сигурно е дека некаде пред стартот на есента ставот на СДСМ повторно ќе биде дека избирачкиот список не е пречистен и дека нема услови за организација на ново соочување со граѓаните. Во оваа комбинаторика на опозицијата, според експертите избирачкиот список се користи само како изговор, особено ако се знае дека и членовите на СДСМ во ДИК на Заев јасно му ставиле до знаење, дека избирачкиот список е комплетно пречистен. Состојбата му била јасно предочена и на специјалниот германски претставник Хајндл како и на амбасадорската постава во Македонија.
Во таква ситуација, се што СДСМ треба да направи во моментов е да излезе со став дека избирачкиот список е пречистен и дека тој веќе нема да може да биде пречка за организација на изборите.
Истите барања ги има и ВМРО-ДПМНЕ од каде имаат јасен став дека се подготвени да им овозможат на функционерите на СДСМ иако без легитимитет да влезат во владата на 100 дена пред изборите, но само откако претходно раководството ќе излезе со јасен став околу состојбата со избирачкиот список.
До овој момент, никој од СДСМ не ја коментира состојбата со списокот. Се што може да се слушне од функционерите на опозицијата е дека се подготвени за избори во октомври, но тие да бидат фер и демократски.
 „Сметаме дека веќе треба да се почне со преговори и со договарање на условите за да може наесен да се организираат фер и демократски избори. Ако почнеме денеска и ако имаме минимум политичка волја, нема зошто до октомври да не се создадат услови за веродостојни избори “ – изјави денеска портпаролот на СДСМ Петре Шилегов без да го коментира избирачкиот список.

Во македонската јавност веќе никој нема дилема околу шансите СДСМ да излезе на избори во октомври. Рејтингот на Заев е три пати помал од оној на Груевски а партиските рејтинзи гарантираат нова победа на ВМРО-ДПМНЕ со најмалку 150.000 гласа разлика. Во такви околности шансите оваа есен СДСМ да ја побара довербата од граѓаните се еднакви на нула.

„Во оваа ситуација сите услови и точки од Пржино се исполнети, единствената што не е исполнета, тоа е избори и последното она што го знаеме е дека има еден џентлменски предлог од ВМРО­ДПМНЕ, а тоа е дека во оној момент кога СДСМ ќе се чувствува дека е спремен за избори, а тоа е пред се, пак од страна на СДСМ кажано дека го признаваат избирачкиот список како веродостоен, дека не постојат таму 500, 100, 300, 40.000 фантоми, не е важно колку, но они гледаат таму дека има, никој друг не ги виде, но од кога сето тоа ќе биде направено, во таква ситуација може да се распишат изборите односно 100 дена пред изборите да има техничка Влада.“ – вели во интервју за Сител, политичкиот аналитичар Александар Пандов.

За експертите поверојатна е можноста опозицијата да биде притисната да излезе на предвремени избори кои би се организирале заедно со локалните во 2017 година, бидејќи станува збор за изборен циклус кој е редовен и за кој Државната изборна комисија има околу 9 месеци добро да се подготви.

 
 
13.06.2016 - 14:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега