Коџабашиев до СДСМ: Со напаѓање на институциите нема да дојдете на власт

Редно е да признаете дека на политичката сцена во Република Македонија од осамостојувањето до денес СДСМ е единствената политичка партија која на власт доаѓала само и исклучиво во услови на криза. Оваа денешна актуелна политичка криза е продолжение на низата последователни кризи наметнати токму од СДСМ, рече денес пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Ѓорѓи Коџобашиев до колегите пратеници од СДСМ на собраниската седница на која се расправа за импичментот за Ѓорѓе Иванов.

Коџобашиев потсети дека СДСМ преку креирање на најразлични кризи врши напад врз институциите и дека на тој начин никогаш нема да ја добијат поддршката од граѓаните.

-Да се потсетиме, не така одамна во 2012 година овде во Собранието СДСМ наметна буџетска криза, блокирајќи го Буџетот на Република Македонија за 2013 година, во исто време СДСМ креираше напад на Собранието од улица, во исто време СДСМ креираше напад на институцијата Претседател на Собранието, постарите пратеници беа сведоци кога некои рипаа овде на говорницата. 2014 повторно криза сo тоа што не влеговте во Собранието бидејќи изгубивте со над 200 илјади гласа разлика. 2015 со нелегално прислушкуваните разговори повторно политичка криза. 2015 преку СЈО вршите напад врз премиерот и Владата на Република Македонија. 2016 не го признавате Уставниот суд и судиите. А денес веќе втор ден расправаме за недоверба односно правите претседателска криза. Со ваков несериозен однос, со напаѓање на институциите на државата, со рушење, со прислушкување, со интерпелации, со импичмент, со креирање на вештачки афери и кризи нема да ја добиете поддршката од граѓаните. Вие и кога бевте на власт во два наврата со вашите стратешки грешни политики ја обезличувавте државата. Го сменивте името, го сменивте знамето, уништивте 640 фабрики и компании, избркавте преку 200 илјади вработени, ги ограбивте штедните влогови на граѓаните, не изградивте ни една болница, ни едно училиште, ни една детска градинка, ни еден социјален стан, оставивте зад себе само пустош и сиромаштија, рече Коџобашиев.

 
 
14.06.2016 - 18:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа