По оставката на Ставрески - Собранието избира нов министер за финансии

Собранието на Република Македонија денеска напладне се очекува да ја започне 106. седница на која треба да бидат констатирани оставката на вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и смената на заменик-министерката за надворешни работи Драгана Кипријановска. На истата седница на дневен ред ќе бидат изборот на нови членови на Владата - Кирил Миновски, за министер за финансии, и Илија Исајловски, за заменик-министер за надворешни работи.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески поднесе оставка поради здравствени причини.

- Здравствените проблеми со кои се соочувам и советите на лекарите упатуваат на тоа дека постои неопходност од подолго лекување и опоравување, поради што јас нема да сум во можност да ја обавувам функцијата министер за финансии и потпретседател на Владата на Република Македонија, наведува Ставрески во оставката.

Ставрески е дел од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ  од 2006-та година на позицијата потпретседател задолжен за економски прашања, а од 2009-та година и на позицијата министер за финансии. Тој со својата работа и постигнати резултати останува запаметен како еден од најуспешните македонски министри, кој со своите економски политики направи значителни достигнувања и суштински реформи кои државава ја ставија на мапата на меѓународните економски текови и процеси.

За време на министерувањето на Ставрески се постигнаа најзначајните и забележителни резултати во клучните области на економијата, намалување на невработеноста, привлекувањето на странски инвестиции, поддршка на домашната економијата, подигнување на стандардот на граѓаните.

- Ми беше задоволство да бидам дел од овој економски тим, кој со голем жар, ентузијазам, одговорност и посветеност работеше за Македонија и донесе резултати кои многу граѓани ги почувствуваа, тргнувајќи од сериозното намалување на невработеноста, значително подобрување на бизнис климата, високи растови на економијата и извозот, носењето многу инвеститори и водењето здрави макроекономски и финансиски политики. Сето ова е остварено во исклучително тешки години на глобална финансиска криза, европска должничка криза, а еве речиси две години и домашна политичка криза, пишува Ставрески.

Тој во оставката се заблагодарува за плодната и професионална соработка со претходниот претседател на Владата Никола Груевски во чиј владин тим беше девет години.

- Со него имав одлична соработка и голема поддршка. Заеднички со него и со другите колеги од Владата направивме економски резултати  за Македонија како никогаш досега, признаени и потврдени од најзначајните меѓународни финансиски институции, истакнува Ставрески.

Тој се заблагодарува и за соработката на премиерот Емил Димитриев и останатите членови на Владата особено за доброто функционирање во услови на длабока политичка криза, како и на одличните односи и соработка со приватниот сектор, НБРМ и меѓународните институции.

На позицијата нов министер за финансии премиерот Димитриев на денешната седница ќе го предложи  актуелниот директор на Управата за јавни приходи Кирил Миновски. Тој има плодно 17-годишно искуство во областа на финансии, управување со промени проектен менаџмент и човечки ресурси. Дополнително поседува 13-годишно искуство во работењето на една од водечките светски консултантски компании Booz Allen Hamilton во имплементација на повеќе донаторски проекти на УСАИД во делот на градење/развој на институциите на Република Македонија во економската сфера и создавање поволно деловно опкружување.

Миновски поседува и искуствo во работа на државните институции. Пред раководењето на Управата за јавни приходи, тој во периодот мај 2014 – ноември 2015 беше прв човек и на Државниот пазарен инспекторат. Претходно бил ангажиран како менаџер на компоненeнти во рамките на УСАИД, како и повеќе други проекти од оваа организација, поврзани со подобрување на конкурентноста, извозот, банкарскиот сектор.

На денешната седница премиерот Димитриев за позицијата заменик-министер за надворешни работи, на која досега беше Кипријановска, ќе го предложи Илија Исајловски, кој е дипломат од кариера со богато искуство во меѓународни организации и разивање на дипломатски односи.

Во МНР Исајловски е вработен уште во 1996 година и поминува низ сите професионални скалила. Тој извесен период работи и во одделението за политички билатерални односи со државите од Западна и Централна Европа, како и амбасадор на Република Македонија во Украина, Руската Федерација и е актуелен амбасадор во Народна Република Кина, од каде ги покриваше и ДНР Кореа, Виетнам, Кралството Тајланд и Монголија.

 
 
15.06.2016 - 08:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега