Иванов: ЕУ се солидаризира со членка која од нас бара погазување на човековите права

Камен темелникот на Европската унија е воедно и нејзин камен на сопнување. Унијата се темели на почитувањето на човековите права, владеењето на правото и еднакви принципи кон сите. Овие темелни вредности се погазени во случајот на Македонија. Веќе четири години членките на ЕУ се солидаризираат со членка која од нас го бара незамисливото – погазување на човековите права, правото на самоидентификација, на човечко достоинство, истакна денеска во Крањ македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов на пленарната сесија на состанокот на лидерите од Брдо процесот, неформална иницијатива за соработка меѓу земјите од регионот во однос на аспирациите за членство во евро-атлантските организации, јави МИА.

- Од нас се бара да дојдеме до заемно прифатливо решение со Грција за надминување на прашањето околу името. Грција ги одбива нашите иницијативи за директни средби. Го одбија и последниот предлог од премиерот Груевски. Одговорот од Атина е дека нема потреба од средба бидејќи Грција не е таа што ја блокира Македонија, туку Унијата. Очекувам да слушнам дали е вистина дека Унијата не блокира или пак, е тоа Грција, нагласи Иванов пред учесниците на состанокот.

 Ви понудив, укажа Иванов, аргументи со кои може да се побара од Грција да се однесува европски кон земја-кандидат и сосед, кон регионот и кон колективниот интерес на Унијата.

- Во 1992 година под притисок на Грција го променивме Уставот. Во 1993 година Република Македонија прифати да биде примена во ОН под привремен начин на обраќање. Мојата земја прифати да разговара за разликите околу името. Во 1995 година склучивме Времена спогодба со Грција која само ние ја ратификувавме и која само ние ја почитуваме. Непосредно пред Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година прифативме конкретен предлог од медијаторот Нимиц. Но, бевме блокирани, рече Иванов.

- Ние немаме план Б. Единствено што незнам е дали ЕУ има план Б. Но, имале или не, на нас е ние самите да ја создаваме Европската унија во Македонија, да работиме напорно на исполнувањето на стандардите и критериумите, самите да ја создаваме европската агенда и да го правиме скринингот. Кога датумот ќе дојде, ние ќе бидеме подготвени. Ние ќе продолжиме со реформите за доброто на нашите граѓани, додаде претседателот Иванов. 

Пред одржувањето на пленарната сесија, Иванов имаше билатерална средба со Оланд.