Миноски: Макроекономска стабилност ќе се одржи и покрај политичката криза

Политичката криза, и покрај здраво поставените економски политики, почна да покажува ефекти врз економијата, вели во интервју за МИА министерот за финансии Кирил Миноски. Цел на фискалната политика, како што истакнува е да се обезбеди ликвидност на приватниот сектор преку редовна исплата на платите, пензиите, субвенциите, социјалната помош, како и задржување на соодветно ниво на капитални расходи за да се поддржи економскиот раст, истакнува тој.

Миноски во интервјуто вели дека ребаланс на буџетот ќе биде одговор на ефектите од политичката криза, односно реакција на успорување на растот преку поддршка на приватната потрошувачка и јавните инвестиции.

- Капиталните инвестиции остануваат на високо ниво, повисоко од минатата година. Продолжуваме со спроведување на крупните инфраструктурни проекти. Продолжуваме со изградба на автопатишта, на регионални патишта, локални патишта, со реконструкција на железницата, со изградба на училишта, болници. Согласно веќе воспоставената практика, како и секоја година и оваа ќе се реализираат најавените покачувања на социјалната помош во јули и пензиите во септември – вели министерот за финансии Миноски. 

Миноски вели дека со оглед на корегираните проекции за раст и пролонгирањето на политичката криза во земјава Владата му дала мандат на Министерството за финансии да  го истражи пазарот за издавање на еврообврзница. Во следниот период тим од Министерството за финансии ќе го истражи пазарот и доколку се создадат поволни услови би се издала еврообврзница. Миноски нагласува дека внимателно се следат и случувањата со реферндумот во Велика Британија, кои ќе имаат директно влијание врз меѓународниот пазар на капитал.

Министерот за финансии истакнува дека со внесот на свеж капитал во земјата, освен гаранција за макроекономска стабилност, ќе се придонесе и за придвижување на економијата која е под влијание на политичката криза. Влезот на странски капитал ќе придонесе за намалување на задолжувањето на домашен пазар, што ќе ја зголеми сумата за кредитирање и ќе поттикне инвестиции кај домашните фирми. Од друга страна ќе влијае и на зголемување на приватната потрошувачка. Сето тоа ќе резултира со раздвижување на економската активност и поголем економски раст. 

– Политичката криза постојано добива нови продолженија. На еврообврзницата може да гледаме како на банкарска гаранција во Народната банка која ќе обезбеди сигурност доколку политичката криза се пролонгира – вели Миноски.

 
 
24.06.2016 - 12:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега