Миноски: Приоритет е отворањето на нови работни места

Отворањето нови работни места, подобрување на животниот стандард на граѓаните, привлекувањето на странските и поттикнувањето на домашните инвестиции, континуирано подобрување на деловното опкружување и јакнење на фискалната дисциплина се приоритети на новиот министер за финансии Кирил Миноски.

Во интервју за МИА Миноски вели дека невработеноста во мометов во Македонија е на историски најниско ниво, дека изминативе десет години отворени се над 150.000 работни места - што претставува дополнителен предизвик за понатамошно интензивирање на активностите во насока на решавање на структурните повеќедецениски проблеми со невработеноста, како и во промовирањето на активниот пристап на пазарот на трудот кој обезбедува поголема усогласеност на понудата и побарувачката на работната сила.

- Во насока на поттикнување на отворање на нови работни места деновиве беше претставен, а следниот месец треба да почне со примена „Македонија вработува 2“ – продолжението на една мошне битна мерка на Владата која креираше 19.000 нови работни места за само една година, а за која очекуваме дека во наредниот период ќе креира уште 15-20.000 нови работни места. Тоа се вкупно 40.000 нови работни места само од оваа мерка за вработување на Владата. Тоа се извонредни бројки, ако се земе предвид дека е обезбеден извор за егзистенција за 40.000 семејства во Македонија преку само една мерка на Владата – вели Миноски.

Како што истакнува Миноски во интервјуто, во креирањето на нови работни места значајна улога имаат и странските инвестиции. Минатата година во Македонија влегле 30 странски инвестиции, а во првите 5 месеци од оваа година има 17 странски компании кои објавиле инвестиција, почнале со градба или производство, додека до крајот на годината се очекува уште толку компании да донесат одлука за инвестирање во Македонија.

- Истовремено се работи и на вмрежување на македонски домашни компании кои ќе соработуваат со странски партнери, што на крај резултира со трансфер на знаење и добри деловни практики, зголемено производство и зголемен број вработени и во домашните компании. Со зголемување на вработеноста на квалификувани работници ќе зголеми потребата од такви работници на пазарот на труд, а со самото тоа и нивната цена, односно платата ќе порасне – вели министерот за финансии Миноски.

Миноски истакнува дека домашните инвестиции се исто толку битни како и странските инвестиции. Затоа освен добрата бизнис клима, битно е да се обезбеди ликвидност на домашните компании преку поволни кредитни линии како 350-те милиони евра на МБПР, Фондот за иновации, но првенствено преку ниските даноци.

 
 
24.06.2016 - 13:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега