Историски највисоко ниво: Капиталните инвестиции за 2016-та четирикратно зголемени во однос на 2006-та

Капиталните инвестиции годинава се на историски највисоко ниво. Ако во 2006 година капиталните инвестиции изнесувале 156 милиони евра, за 2016 година е проектирано тие да изнесуваат 568 милиони евра, или 3,6 пати повеќе, пишува Лидер.мк

За десет години капиталните инвестиции во инфраструктурата се скоро четирикратно зголемени. Во моментов интензивно се градат три автопати Демир Капија-Смоквица, Кичево-Охрид и Миладиновци–Штип, а се работи и на делниците Смоквица до Гевгелија и Миладиновце до Штип. Во завршна фаза е изградбата на делницата Демир Капија-Смоквица , која треба да биде пуштена до крајот на оваа или најдоцна до почетокот на 2017 година. Автопатот до Штип, со кој патувањето од Скопје преку Св.Николе до Штип ќе биде преполовено, треба да биде готов следната година. Автопатот Кичево-Охрид треба да биде готов 2018 година, планирано е годинава да бидат завршени половина од предвидените градежни работи. На терен работат 1.200 работници и над 550 градежни машини.

Се инвестира и во гасификацијата. Од ребалансот кој денеска е доставен до Собранието, може да се види дека се зголемени средствата за изградба на националниот гасоводен систем. Гасоводната делница Клечовце-Неготино е завршена, а во подговотка е фазата за изградба на гасоводната делница Штип-Неготино. До август ќе започне изградбата и на уште две гасоводни делници и тоа Неготино – Битола и Скопје – Тетово –  Гостивар. Со ова ќе бидат изградени вкупно 265 километри од гасоводниот систем, односно повеќе од половина од главните магистрални правци.

Значителни инвестиции се случуваат и во здравството. Ако во 2006 година ставката за капитални инвестиции во здравството била нула, во 2016 година се издвоени средства за изградба на општатта болница во Кичево и опрема на клиничката болница во Тетово, издвоени се средства за ПЕТ Центарот, за изградба на нов клинички центар во Скопје и Штип, за реконструкција на 20 јавни здравствени установи како и за изградба на амбуланти во рурални подрачја.

Во образованието во 2016 година се предвидени средства за изградба и реконструкција на основни и средни училишта, како и за изградба на училишни спортски сали во основни и средни училишта, за реконструкција на ученички и изградба и реконструкција на студентски домови.

Вкупни капитални инвестиции:

2006    156 милиони евра

2007    223 милиони евра

2008    326 милиони евра

——————————————–

2014    441 милиони евра

2015    550 милиони евра

2016    568 милиони евра

Капиталните инвестиции во земјоделието ако пред десет години се броеле на милиони, сега се бројат на милијарди. Годинава се предвидени инвестиции во системите за наводнување во јужната долина на Вардар, односно местата Миравци, Негорци, Гевгелија, Грчиште, Паљурци, Кованци и Валандово, за хидросистемот Лисиче во Велес, како и за хидросистемот Злетовица. Исто така значителни средства се издвоени и за поддршка на руралниот развој.

И покрај политичката криза и двата предизборни периоди во кои не може да се реализираат капитални инвестиции, ниту еден од капитални проекти предвидени за годинава не е прекинат, напротив како што истакна министерот за финансии Кирил Миноски сите продолжуваат со реализација.

 
 
27.06.2016 - 13:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега