Полска го презема претседавањето со Вишеградската група

Соработка за справување со клучните предизвици, засилување на позиција на Вишеградската група во ЕУ, зацврстување на кохезијата на земјите членки и земјите од регионот, справување со мигрантската криза..., се дел од приоритетите на полското претседателство со Вишеградската група.

Полскиот амбасадор во Македонија Јацек Мултановски на денешното свечено предавање на претседателството на Вишеградската група истакна дека таа и натаму ќе работи на промоција на политики за добрососедство и проширување на ЕУ со источноевропските земји и земјите од Западен Балкан.

- Процесот на проширување со земјите од Западен Балкан е најдобра алатка за негов просперитет и стабилност, за да се поддаде рака за помош за овој регион, за стабилност и безбедност во врска со заедничката безбедност и координација на нашите активности и од исток и југ, рече Мултановски.

Додаде дека она што сега е на агендата може да биде променето поради, како што рече, сегашните настани и можеби идни предизици кои можеби ќе ја определат агендата на групата и ќе биде битно таа да се прилагоди на новата реалност.

Смета дека е рано да се даваат прогнози што ќе се случува во наредниот период во контекст на одлуката на Велика Британија за излез од ЕУ и оти во наредниот период треба да се размислува како да се надминат последиците од одлуката, која како што истакна е суверена и треба да се почитува. На став е дека треба да се продолжи со политиката на отворени врати и да се продолжи со проширувањето на ЕУ.

- Ние ја поддржуваме аспирацијата на земјите од Западен Балкан вклучувајќи ја и Република Македонија да станат членки на НАТО и ЕУ. Сепак, на земјите останува да покажат волја да одат напред. Мислам дека таков сигнал треба да биде пратен одовде, рече Мултановски.

Во врска со политичката криза во Македонија која, како што рече, трае прилично долг период смета дека треба да се најдат решенија во блиска иднина, бидејќи кризата создава фрустации во општеството. Фер и кредибилни избори, работата на Специјалното јавно обвинителство и равој на цивилниот сектор, според него, се од големо значење за надминување на кризата.

И Мирослав Рамеш, амбасадор на Чешка, која досега претседаваше со Вишеградската група смета дека Брегзит не треба да значи крај на ЕУ политиката на проширување.

- Едноставно ништо не завршува, животот продолжува. Една земја си заминува, но тоа не значи дека друга не може да биде прифатена, рече Рамеш.

Повтори дека и Чешка е голем поддржувач на членството на земјите од Западен Балкан и Република Македонија во Европската унија.

Вицепремиерот за европски прашања Арбр Адеми смета дека оваа група, која како што рече, се темели на меѓусебна доверба и солидарност и заеднички напори, е пример кој може да се примени во случајот на земјите од Западен Балкан.

- Ова е особено важно ако се има предвид дека сите ја делиме истата визија да станеме членки на ЕУ, рече Адеми.

Факт е, рече тој, дека се случија и се случуваат настани на ниво на Европа кои се сериозен предизвик за функционирање на ЕУ.

- Резултатот на Брегзит е нешто што ќе одземе голем дел од енергијата на земјите членки на ЕУ, но одлуката не треба да се одрази на политиката за проширување на ЕУ бидејќи за земјите од Западен Балкан, вклучително и Македонија е важно да продолжат со своите реформи и да станата дел од европското семејство, рече вицепремиерот Адеми.

Вишеградска група годинава одбележува 25 години од формирањето.

 
 
27.06.2016 - 14:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега