Нема кратење на субвенциите за земјоделците

Во врска со денешната изјава на пратеникот на СДСМ, Сашко Поцков, дека „по извршениот ребаланс на буџетот, на земјоделците им се скратени 15 милиони евра за субвенции“, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, ја информираат јавноста дека:

Исплатата на субвенциите за сите земјоделци, корисници на средства од програмите за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, тече и ќе тече по веќе утврдениот календар и ниту еден земјоделец не е загрозен со направениот ребаланс.

Со ребалансот на буџетот ќе се одземат средства од две програми и тоа, од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој и од Програмата за финансиска поддршка на земјоделството.

Првата програма (за финансиска поддршка на руралниот развој) поддржува инвестициски и инфраструктурни проекти (патишта, канализации, водоводи, брани) кои по динамика на реализација на договорите се повеќегодишни и кои, по обсежна анализа на Агенцијата и на МЗШВ, е утврдено дека нема да стигнат за наплата оваа година.

Другата програма (за финансиска поддршка на земјоделството), во зависност од пријавените барања за субвенции кај одредени мерки, покажа дека има вишок на средства. Односно, првично проектираните средства (на почеток на годината) во програмата се повеќе од она што го имаме како побарување од земјоделците.

На крајот, уште еднаш сакаме да нагласиме дека, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој е апсолутно во состојба да ги сервисира доспеаните обврски кон земјоделците и дека ниту еден земјоделец не е загрозен со ребалансот на буџетот.

 
 
30.06.2016 - 18:06

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега