ОЈО: Мерки на претпазливост за 13 вработени во катастар

Скопското Јавно обвинителство предложи мерки на претпазливост за 13 лица од Скопје, вработени во Агенцијата за катастар на недвижности поради сомнение дека сториле кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ по чл.353 од Кривичниот законик.

Пријавените, како што информираат од Обвинителството, од 01.01.2013 година до 16.03.2016 година во својство на катастарски службеници – референти за шалтерско и архивско работење, искористувајќи ја својата службена положба и овластување, прибавиле за себе противправна имотна корист.

- Имено, при приемот на пријавите – барањата од странки, наплатата на надоместокот (административната такса) ја вршеле за парични средства во готово при што ги убедувале странките дека им помагаат со тоа што надоместок тие лично ќе го платат преку нивните лични платежни картички. Осомничените веднаш по направеното плаќање со платежните картички преку постерминалите вршеле сторнирање на направените трансакции, а кон примените пријави – барања од странките го приложувале веќе испечатениот „слип” – потврда за извршено плаќање, како доказ дека административната такса е наплатена и предметот го пуштале во понатамошна процедура. Добиените парични средства во готово ги присвојувале за себе и притоа се стекнале со противправна имотна корист во износ од 1.883.433,00 денари, се наведува во соопштението од ОЈО.

Од Обвинителството посочуваат дека со оглед на тоа што за непречено водење на кривичната постапка е потребно да се обезбеди присуството на осомничените, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје до судијата на претходна постапка доставил Предлог за определување на мерки на претпазливост и тоа: забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање и забрана за преземање на определени работни активности што се поврзани со кривичното дело, предвидени во член 146 ст.1 т.1, 2, 3 и 7 од Законот за кривична постапка.

 
 
01.07.2016 - 10:29
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега