Курц: Македонија во Париз треба да добие признание за границата и перспектива за ЕУ

 

Австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц, во изјава за МИА, вели дека од конференцијата во Париз очекува на Македонија да и се оддаде признание за заштитата на границата со Грција, и да се обноват гаранциите за македонските евро-интеграции.

- Македонија веќе прави се што е во нејзина моќ да ја заштити својата граница со Грција и да го запре напливот на илегални мигранти. Ние високо ги цениме овие напори. Мораме да сториме колку што е можно повеќе да и помогнеме на Македонија да ги заштити своите граници и да соработуваме со неа во борбата против трговците со луѓе. Исто така мораме да продолжиме и да обезбедуваме на Македонија кредибилна перспектива кон Европската Унија и да ја охрабриме да преземе натамошни политички и економски реформи. Овие натамошни реформи се од интерес како за ЕУ така и за македонските граѓани, изјави министерот Курц за МИА.

Австрија е еден од најголемите поддржувачи на Берлинскиот Процес за Балканот, кој германската канцеларка Ангела Меркел го започна во 2014 година. Австрија го организираше вториот состанок на балканските и европските лидери во Виена, на кој продолжија разговорите за подобрување на балканската инфраструктура со помош од ЕУ и за надминување на билатералните политички прашања. Во Париз денес почнува третата конференција од овој процес.

- Австрија целосно поддржува кредибилна перспектива за влез во Европската Унија за сите држави од западниот Балкан. Натамошното интегрирање во Европската Унија ќе донесе повеќе стабилност и просперитет во регионот, што е наш суштински интерес. Од тие причини, Австрија во 2015 година ја организираше конференцијата за Западниот Балкан како дел од Берлинскиот Процес. Нашата цел денес во Париз е да се надоврземе на напредокот од конференцијата во Виена и да постигнеме дополнителен напредок во областите како што е развојот на прекуграничната инфраструктура, економските реформи, соочувањето со мигрантската и бегалската криза и борбата против радикализацијата, изјави министерот Курц за МИА.

 
 
04.07.2016 - 08:55
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега