Странските инвестиции во првите четири месеци достигнаа 96,7 милиони евра

Вкупниот прилив на странски инвестиции во април изнесува 34 милиони евра и е на исто ниво споредено со ланскиот април, покажуваат податоците на Народната банка. И покрај политичката криза во земјата која влева несигурност кај инвеститорите, сепак во првите четири месеци годинава странските инвестиции се приближуваат до сумата од 100 милиони евра, пренесува ТВ Нова.

Според статистиката на Народната банка, вкупниот прилив на странски инвестиции во првите четири месеци годинава изнесува 96,7 милиони евра и не скоро исто ниво споредено со истиот период минатата година кога во државата влегле странски инвестиции во вкупна вредност од 98,3 милиони евра, односно намалување од само еден ипол милион евра.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во својот говор на 25-от годишен Конгрес на Унијата на млади сили минатата недела најави дека во наредниот период во земјава се очекува да влезат уште пет нови странски инвеститори кои ќе отворат околу 950 директни вработувања и 1000 индиректни вработувања.

Со претходно најавените 18, вкупно 23 странски инвестиции влегуваат во Македонија од почетокот на годината.

Меѓу поголемите инвестиции кои ги наброја лидерот на ВМРО ДПМНЕ се инвестицијата на Еуромакс која ќе гради рудник за злато и бакар во струмичко, потоа третата фабрика која во зоната во Бунарџик почна да ја гради белгиски Ван Хул, а меѓу поголемите инвестиции исто така ја наброја и фабриката на германски Кеслер која се гради исто така во Бунарџик.

Инаку од почетокот на годината почнаа, односно објавија инвестиција 18 компании, меѓу кои Симфони Солушнс – холандска инвестиција во ИТ секторот, со нови 200 вработувања. Инвестицијата на Џонсон контролс во Струмица ќе овозможи најмалку 2.500 директи и индиректни вработувања. Во Кочани наскоро ќе се реализира кинеска инвестиција за производство на опрема за оризопроизводството со системот капка по капка преку потенцијалниот инвеститор Ванг Донг.

Освен што се најавени нови, постоечките компании во слободните економски зони и покрај политичката криза работат со полна пареа. Тоа го покажува растот на извозот од зоните. Според податоците на Дирекцијата за зони за петте месеци од годинава, извозот е зголемен за над 28% во однос на истиот период лани и веќе надмина 715 милиони евра. Само во мај е достигната вредност од 150 милиони евра, што претставува раст од 20 проценти, пренесува ТВ Нова.

 
 
04.07.2016 - 15:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега