Миноски: Започнатите проекти со европски средства продолжуваат да се реализираат

Проектите кои се започнати и кои се финансирани со европски пари како што се Демир Капија – Смоквица, Пречистителна станица Прилеп и Битола - Кременица продолжуваат со својата реализација согласно предвидената динамика, вели министерот за финансии Кирил Миноски.

Во интервју за Канал 5 телевизија, министерот Миноски појаснува дека одлуката за повлекување на 27 милиони евра од ИПА се однесува на средства кои се уште не се испрограмирани и не се договорени проекти со Европската Комисија.

Тој истакнува дека секаде каде има добри проекти ќе се користат европски средства. – Имаме позитивни сигнали, на пример вчера од Австриската развојна агенција добивме информација за грант наменет за систем за управување со кризи во УЈП, вели Миноски.

Во однос на повлекувањето на претставникот на ММФ од земјава, министерот Миноски појаснува дека станува збор за интерна одлука на Фондот, која нема политичка заднина.

– Претставникот на Меѓународниот монетарен фонд замина од интерни причини. Во сите држави кои немаат аранжман со ММФ, Фондот во насока на рационализација на трошоците затвора одредени канцеларии и ги повлекува претставниците. И понатаму останува соработката со ММФ. Во септември е закажана редовна мисија на Фондот во земјава и ние ги очекуваме, нагласува Миноски.

Во однос на ребалансот на Буџетот, министерот појаснува дека со него доаѓа до прилагодување на државната каса со корегираните проекции за раст согласно новонастанатите услови поради политичката криза. Миноски потенцира дека со ребалансот остануваат средствата потребни за реализација на капиталните инвестиции, за субвенционирање на земјоделците, за плати и пензии.

Тој посочува дека капиталните инвестиции се на историски највисоко ниво досега и оти со ребалансот ниту еден проект не е укинат.

 
 
06.07.2016 - 19:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега