Отчет за сработеното на прилепскиот градоначалник

Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески денеска на прес-конференција даде отчет за сработеното во првите 100 дена од неговиот трет мандат на оваа функција.

- И по изборниот процес, Прилеп продолжува со реализацијата на досегашните и новите проекти ветени пред граѓаните за поквалитетен живот во општината, истакна Ристески, осврнувајќи се на повеќе проекти од сите сфери на живеењето во градот.

Во општината е почната изградбата на инфраструктурата во индустриската зона „Прилеп 1“ која со продадените 21 парцела за стопански капацитети обезбедува развој и нови 2.000 работни места, а при крај е и изработката на Деталниот урбанистички план за другата зона „Прилеп 2“ каде наредниот месец ќе бидат понудени нови 15 локации и ќе се обезбедат нови 1.000 вработувања.

Ристески најави дека наскоро ќе почне првата фаза од проектот за пречистителна станица за отпадни води, а во однос на проектите за уредување на градот завршена е првата фаза од реконструкцијата на плоштадот „Методија Андонов Ченто“ и во тек е тендерската постапка за амбиентално уредување на околината на Градскиот Саат.

- Набавивме нови автобуси за активирање на дамнешната желба на прилепчани - градски превоз, а во соработка со Министерството за транспорт и врски се гради патот од седум и пол километри до манастирот Трескавец кој ќе биде готов до 28 август за потоа да се обноват опожарените конаци, истакна Ристески.

Интензивно се гради и нов деловен простор кај градскиот пазар, се обновуваат просториите на поранешното средно училиште „Ристе Ристески Ричко“ за потребите на Противпожарната единица, поставен е камен темелник за нова автобуска станица и во тек е изградбата на градското кино. Во соработка со Агенцијата за станбен и деловен простор се градат 78 социјални станови во населбата Точила, а се реализира и социјалната програма за ангажирање 100 лица од социјалните семејства. Реализирани се и голем број културни и туристички манифестации. 

најчитано сега