Годинава поголем успех од лани: Повисока просечната оцена на државната матура

Средната оценка од полагањето на трите екстерни предмети во јунската сесија од државната матура за учебната 2015/2016 година е 3.42 и е повисока од минатогодишната просечна оценка од 3.37. Во јуни за државна матура беа пријавени 16.859 кандидати, од кои 8.729 во гимназиско, 7.866 во средно стручно и 264 во уметничко образование. 

Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), деветтата генерација матуранти покажала најдобри резултати на тестот по странски јазик (француски, германски или руски) за кој средната оцека е 3.99. За испитот по англиски јазик ДИЦ објави засебна просечна оценка која годинава е 3.00.

Од трите екстерни предмети, задолжителен за сите матуранти е мајчин јазик (македонски, албански или турски) и литература, по кој годинава вкупниот просек е 3.66. 

Министерот за образование и наука Пиштар Лутфиу и директорката на ДИЦ Мируше Амети  на прес-конференција ги соопштија и просечните оценки од останатите екстерни предмети на јунското полагање државна матура: математика 3.29; естетика 3.72; филозофија 3.61; историја 3.45; физика 3.87; хемија 3.94; биологија 3.72 и бизнис 3.45. 

Прелиминарните резултати денеска напладне ќе бидат објавени на огласните табли во училиштата и на веб-страницата matura.gov.mk. Приговори на резултатите може да се поднесуваат од денеска до 14 јули во училишните комисии. Конечните резултатите од полагањето во јуни ќе бидат објавени на 20 јули во училиштата.

Матурантите кои не биле тестирани во јунската сесија или не положиле некој од трите екстерни предмети, ќе полагаат во август и треба да се пријавуваат од утре до 21 јули. Полагањата во наредната сесија ќе бидат во деновите 15-ти, 16-ти, 17-ти и 18 август. 

По конечните резултати и од августовската сесија, ДИЦ ќе објави ранг-листа на средни училишта според постигнувањата на државната матура за  2015/2016 година. 

 
 
12.07.2016 - 12:39
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега