Дојран викендов центар на добрата забава: Стартува „Д Фестивал“

Во Дојран од денеска до недела ќе се одржува шестиот Д Фестивал - тридневен музички маратон кој со досегашните педесетина домашни и странски изведувачи станува препознатлив во регионот. 

Покрај петте бини, „Д Фестивал“ ќе има и нова концертна локација Church Stage - во црквата „Свети Илија“ во Стар Дојран, на падините над фестивалскиот камп. 

На првата фестивалска вечер таму ќе настапи Елена Христова од етносоставот „Баклава“ и виртуозот на канон Ибрахим Џенгис. Во сабота ќе настапи „Љубојна“ со проектот „Акустично глаголицирање или Љубојна на тацна“. Вечерта ќе биде изведен и поетско-музичкиот перформанс на триото „Игла и конец“ на Тихомир Јанчовски, Добрила Грашеска и Зоран Тортевски.

Во новиот фестивалски амбиент во недела џез-концерт ќе има Гоце Стевковски трио. Музичката програма на оваа бина ќе заврши со настапот на Волтер Мани Ал Хаким, кого организаторот го најавува како најпознат непознат уметник, актер и музичар. 

Програмата на бината Lake Awake е посветена на електронската музика, а за затворањето на фестивалот на оваа сцена во недела ќе бидат задолжени диџеите на Канал 103 - Мирко Попов, Илина Ангел, Шурбе, Виолета Качакова, Александар Гавровски и Марсо. 

Меѓу учесниците на годинашниот „Д Фестивал“ се и: Сигма, Роџер Санчез, Бернајс пропаганда, Дубиоза колектив, Хладно пиво, Обојени програм, Лолобриџида, Фолтин, Паркети, Палиндром, Чиста околина, Тхе Ред степ... 

„Д Фестивал“ годинава се одржува во рамки на манифестацијата „Дојран - град на културата 2016“. Според информациите од Туристичкото биро, викендов во Дојран се очекуваат најмалку 30.000 гости од Македонија  и од странство. 

 
 
15.07.2016 - 08:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега