Дневник: Шарените револуционери на Пиколомини повторно удрија на Скопје

Во историјата на Македонија нема пример во кој самите Македонци ги уништувале своите градови, односно градби и споменици.

Секогаш тоа го правеле окупатори или природни катастрофи. Годинава за првпат во историјата на македонскиот народ се случува извесни Македонци предводени од странски инструктори да ги уништуваат градбите изградени од самите Македонци.

Според историските записи, градот Скупи, односно Скопје првпат е разурнат од земјотрес што се случил на 28 април 518 година. Еден милениум подоцна, во 1555 година, повторно е разурнат од земјотрес, но набрзо е обновен и станува турско воено упориште. На 25 и 26 октомври 1689 година градот го освоил австрискиот генерал Пиколомини кој подоцна го запалил за да не им остави ништо на непријателите, односно на населението што живеело во Скопје. Градот горел два дена и бил речиси целосно уништен, пишува Дневник.

Во почетокот на ноември 1962 година поради обилни дождови, реката Вардар го поплавила Скопје. Поплавени биле околу 5000 куќи. Половина година подоцна, на 26 јули 1963 година во 5.17 часот, Скопје одново е разурнато од катастрофален земјотрес. Под урнатините на градот животот го загубиле 1.070 а биле повредени над 4.000 граѓани. Повеќе од 90 отсто од зградите во градот биле урнати и над 20.000 граѓани оставени без покрив над главата. И во сите случаи, да повториме, рушители на Скопје биле поробувачи или природни катастрофи. Сега првпат се уништуваат објекти и се најавува рушење на градот од Македонци, односно лица кои се претставуваат како Македонци.

Туѓи интереси над македонските

А што вели Kрсте Петков Мисирков, кодификатор на македонскиот литературен јазик и правопис, славист, историчар, етнограф, аналитичар на национално-политичките проблеми, публицист, собирач и проучувач на македонското народно творештво, токму за таквите Македонци, кои своите интереси ги имале ставено над интересите на Македонија:

„Поеке од 5.000 души Македонци имат на државна служба само во Софија. Не помалу има кандидати за служба. Се знајит оти сите тије господиновци имаат нагоре од се своите лични интереси… За нив интересите на Македонија сет једно средство да добијат служба и да се одржат на неја. За да се осполнат нивните егоистички планои за убаа служба, они сет готои да се покажат поеке Бугари од самите Бугари, да играат от себе рола бугарцки шовинисти, со неа да експлоотираат и бугарскиот кназ, и интересите на Македонија, и европејското општествено мнејне, со еден збор, да лажат и на десно и на лево, под вид да исполнуваат некаков патриоцки долг, а во сашност само да добијат служба и популарност…“, запишал Мисирков во 1903 година во својата капитална книга „За македонцките работи“.

Потребно е да се сменат само некои топографски и етнографски термини, па да се види колку такви денешни „господиновци имаат најгоре од се своите лични интереси“. Kако би возеле џипови од десетици илјади евра, како би купувале по два стана одеднаш, како би уживале на ексклузивни јахти и во сопствени резиденции на грчко море, ако не ги „експлоотираат интересите на Македонија и европејското општествено мнејне“, односно ако не „лажат и на десно и на лево, под вид да исполнуваат некаков патриоцки долг…“

А што е патриотски долг? Да се руши или да се гради? Првпат во историјата на независна Македонија, изградени се десетици нови објекти кои се во функција на создавање современа инфраструктура за остварување на културата. И сето тоа за нив, за некого, не чини, не е убаво, не е по нивен вкус, и затоа треба да се урне, почнувајќи од „Спомен-домот на Мајка Тереза“ до импозантниот објект на Македонската филхармонија, кој наскоро треба да биде пуштен во употреба. Што е изградено во последните десеттина години во Скопје и низ Македонија само во културата и што легионерите на „бомбашот“ Пиколомини планираат да уништат во наредниот период?

Да почнеме со ред. Изграден е нов дел на Националната и универзитетска библиотека „Св. Kлимент Охридски“ на површина од 3.300 м2, со кој за првпат од основањето на Библиотеката се создадоа просторни услови за соодветно, според светски стандарди, чување и заштита на непроценливото книжевно богатство на Република Македонија. Изграден е музеј „Спомен-куќа на Тодор Проески“ во Kрушево, посветена на македонската музичка икона Тодор Проески. Изграден е нов музејски комплекс „Музеј на вода“ кај Градиште на Охридското Езеро, кој стана возбудлива културна и туристичка дестинација, посетувана од многубројни домашни и странски туристи. По точно 35 години од постоењето изградени се и нови депоа во Kинотеката на Македонија. Станува збор за депоа опремени според најсовремените стандарди за чување на националното аудиовизуелно наследство, кое долги години беше чувано на несоодветен начин.

Понатаму, изграден е „Музеј на македонската борба за државност и самостојност – Музеј на ВМРО и Музеј на жртвите на комунистичкиот режим“. Со реализацијата на овој капитален проект, Република Македонија конечно доби еден комплексен музејски простор во кој е претставена нашата богата и повеќеслојна историја. Во тој контекст изграден е објектот „Порта Македонија“, симбол на македонските победи во културата, уметноста и спортот. „Порта Македонија“ е уникатен и има мултидимензионална функција. Неговиот атрактивен галериски простор сега е место на кое на годишно ниво се реализираат над 200 настани, изложби, презентации, семинари и други случувања.

Рушители од злоба, завист и инферионост

Во приоритетниот список за рушење доставен до легионерите на нашиот Пиколомини секако е и „Стариот театар“ во Скопје, односно МНТ, светски објект со кој можеме да се гордееме, сигурни во фактот дека театарската уметност во нашата држава се создава и се гледа во истите услови како и во големите европски и светски културни центри. Новиот театар содржи најсовремена аудиовизуелна опрема која овозможува големи технички перформанси.

Според изјави на дел од „шарените експерти“, кои велат дека ниту влегле ниту некогаш ќе влезат во овој прекрасен објект, Национален театар на нивна Македонија, по рушењето на сите новоизградени објекти во Скопје, ќе биде „Навигаторот Цветко“, а не МНТ. Да продолжиме. Изграден е нов Археолошкиот музеј во Скопје. По повеќе од 30 години, Археолошкиот музеј беше промовиран и отворен за домашната и за светската јавност во октомври 2014 година, со што Република Македонија доби најсовремен музејски простор за соодветно чување и презентација на богатото движно културно наследство, потврда на милениумскиот цивилизациски континуитет на нашите простори. Во меѓувреме изграден е и нов театар во Велес, а велешките актери и публиката добија нова театарска зграда изградена и опремена според сите светски стандарди.

По преселувањето од поранешната коњушница, во која „привремено“ работеше повеќе од 50 години, велешкиот ансамбл најпосле располага со опрема и уреди, аудио и видео системи од врвни светски производители со можност за презентација на театарски дела со ефект и квалитет како во најсовремените театри во Европа и во светот, со што е овозможено во Велес да гостуваат сценски дела од која било светска продукција. Во списокот на рушителите треба да се додаде и целосно реновираната Kуќа на Уранија во Охрид, која претставува карактеристичен пример на зачувување на охридската староградска архитектура. Објектот е ставен во функција и предаден на Македонската академија на науките и уметностите.

Во Охрид се изградени покривни конструкции на Античкиот театар и на Долни Сарај. Реализацијата на овој проект овозможи унапредување на условите за реализација на културните активности во текот на целата година. Отворен е нов музеј на прогонетите од егејскиот дел на Македонија „Македонците-бегалци во Втората светска војна и Граѓанската војна во Грција 1940-1949“. Завршено е целосно екстериерно и ентериерно уредување на галеријата „Никола Мартиноски“ во Kрушево. Со реализацијата на овој проект беше извршена надворешна санација на објектот, целосно внатрешно уредување на просторот и заштита на постојниот ентериер карактеристичен за крушевската староградска куќа. Со проектот се помогна за одржување на трајната музејска поставка на еден од најзначајните основоположници на современата македонска ликовна уметност.

Изградени нови 20 унифицирани репрезентативни мали монтажни објекти за културна и туристичка понуда на Република Македонија. Реализацијата на проектот за изработка, поставување и ставање во функција на 20 унифицирани монтажни објекти наменети за продажба на сувенири и друг вид културно-туристички промотивен материјал е мошне важна за промоција на нашата држава, на сите наши потенцијали. Со овој проект се надополни евидентната празнина во овој домен, присутна во нашата држава со години. Република Македонија конечно доби културно-туристички простори во кои се продаваат автентични сувенири, како и сублимиран материјал за македонската традиција, култура, уметност, наследство…

Деновиве интензивно се работи и на финализирање на новата концертна сала за Македонската филхармонија со која ќе се реши повеќедеценискиот проблем на оваа национална институција, а уметниците ќе добијат соодветен простор за работење. Исто така во тек е и изградбата на новиот објект на Националната установа Турски театар во Скопје, а со неговата изградба ансамблот на турскиот театар ќе добие свој објект по сите светски стандарди. Паралелно со изградбата на овој театар се врши реконструкција и санација и на Албанскиот театар, кој во иднина ќе поседува две театарски сали со високи сценски технологии и современа аудиовизуелна опрема. Рушителите треба да го имаат на ум и возобновувањето на „Стариот театар“ во Струмица, кој до темел изгоре во пожар. Театарот ќе располага со најсовремена опрема и извонредни сценски и аудиовизуелни ресурси, со кои ќе се овозможи соодветно презентирање на театарската уметност и ќе се збогати културната понуда.

И не е само тоа. Во изминативе десеттина години обновени и реконструирани се уште многу културни објекти низ државата, а во план е да се градат и нови, како што е античкиот театар во Скупи, срушен од некакви слични легионери како денешните кои секогаш „имаат најгоре од се своите лични интереси“. Притоа, ваквите „господиновци што експлоотираат интересите на Македонија и европејското општествено мнејне“, што би рекол Мисирков, всушност не можат да се помират со очигледната македонска културна ренесанса, односно со фактот дека никој од нив никогаш во иднина нема да може да изгради ниту макета од она што сега секаат да го срушат. Всушност, затоа и уништуваат, од инфериорност – од злоба, завист и љубомора!

Пиколомини: Жал ми е што зградите, какви што досега не сум видел, морам да му ги предадам на пламенот!

Во 1689 австрискиот генерал Пиколомини раководел со автономна армија со задача да ги освои Kосово, Босна и Македонија. По заземањето на Скопје го запалил градот како одмазда за опсадата на Виена шест години порано. Всушност, Пиколомини се разлутил што го нашол градот целосно евакуиран и напуштен, мислејќи дека се работи за некаква заседа. Во својот воен дневник меѓу другото запишал: „Скопје е простран град, не многу помал од Прага или колку неа. Го најдов напуштен, без скапоцености, богато снабден со продукти. Малкуте луѓе што останале, исплашено врват по улиците. Жал ми е што зградите, какви што досега не сум видел, од најубав мермер и украси од злато, на кои и во Рим би им посветил внимание, убавите старини и градини, морам да му ги предадам на пламенот“.

Стравотниот пожар што на 25 октомври 1689 година го предизвикала австриската војска под водство на генерал Пиколомини, насилно го прекинал големиот подем на градот. Зад огнот останале само градбите од камен, Kалето, црквите „Свети Димитрија“ и „Свети Спас“ и големиот Kарван-Сарај. А во тоа време Скопје бил најголем трговски центар на Балканот. Според турскиот писател Дулгар Деде, кој поминал низ Скопје, градот импресионирал со „рајската убавина“.

Потоа градот два века не можел да закрепне од трагедијата. Од 60.000 жители, бројот на населението по пожарот се намалил на 10.000, а обновувањето одело многу бавно, односно градот не можел да го врати стариот сјај и значењето од 17 век. Во следните 200 години бил мал и непознат град, се до средината на 19 век кога повторно се вратила трговијата, занаетчиството и почнале да се градат нови објекти.

Експерт за ракување со француски клуч

Во септември 2012 година, „експертот“ Љубомир Фрчкоски напиша дека операцијата „Француски клуч“ мора да расчисти со „Скопје 2014“, проект кој, според него, не може да бидат третирани никако поинаку – освен како суровина за вистинска уметност:

„Операцијата ќе ја изведува полетна уметничка младина и ентузијазирани граѓани… со француски клучеви в рака, а со нив оди една група со шмиргл-шајбна и апарат за заварување. Ослободувачкиот процес, хепенингот, ќе започнува со анархичната самонаредба во форма на радосен восклик: РАСТРТУЈ ТОА СПОМЕНИЦИТЕ! Уметничкиот холокауст ’Скопје 2014‘ почнува да се деконструира со радост за тоа достојна; имено, најпрвин со собирање на грозоморните скулптури од новата зграда на МНР и Мостот на уметностите, сосе четирите од Триумфекалната капија. Од нив осумдесетина, на три мета-локации на влезовите во Скопје, ќе се направат три пирамиди на уметничко ѓубре, низ кои ќе се инсталираат телевизори кои емитираат Low-Fi ТВ сигнал, со т.н. снег и пречки…

За Триумфекалната капија, како посебен проблем, ќе биде замолен (преку директна спогодба), концептуалниот и ленд–арт уметник Христо Јавашев – да ја обмота со целофан (како што стори со германскиот Рајхстаг). Фамилијата скулптури Филипови или Александрови оди туто-комплето во Градскиот парк, каде што се инсталира како луна парк. Фамилијата скулптури Филипови или Александрови оди туто-комплето во Градскиот парк, каде што се инсталира како луна парк. Околу нив тобогани, клацкалки и електрични аута на општа радост на децата.

Мошне важно, драги мои, ќе биде редизајнирањето на Музејот на македонската борба, со одел во подрумските простории, во кој ќе биде поставката на восочни фигури под наслов: МАKЕДОНСKИТЕ ФАШИСТИ…

И така натаму и слично на тоа: Револуцијата, како што знаете, драги мои, тече!“

Архитект-експерт за рушење

Пред неколку дена Мирослав Грчев меѓу другото напиша: „Ако ги запалиме бараките на Град Скопје и зградата на Владата – симболично одговорните топоси за ова злосторничко уништување на нашите животи, интегритет и достоинство и ги „обработиме“ со градежна механизација, со булдожери и багери, Спомениците на Злото од ‘Скопје 2014’, е тогаш бидете сигурни дека тие скотови ќе ја сфатат пораката“.

Во април 2013 година, пак, „експертот за рушење“ го напиша и ова: „Рушењето на ’Скопје 2014’ ќе биде најисплатливата инвестиција во поновата историја.“ Според речникот на македонскиот литературен јазик, глаголот ’руши’ е несвршен глагол, кој, пред се, се однесува на рушење на цели градови, односно кога с` што е изградено се претвора во урнатини.

Блаже Миневски за Дневник

 
 
18.07.2016 - 10:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега