Избори на 11 декември - СДСМ со план за продолжување на кризата

СДСМ се подготвува за продолжување на кризата и по изборите. Извори од преговорите брифираат дека разговорите застанале на ингеренциите на техничките министри на СДСМ по изборите.
Според информациите, преговарачите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ барале веднаш по завршувањето на изборниот процес, дополнителните заменици во Владата задолжена за спроведување на изборите да си ги преземат функциите и на нив да останат до формирањето на нова Влада.
Од СДСМ барале нивните министри да останат на функциите и по изборите.
Неофицијалните информации велат дека и меѓународните претставници сметале дека е логично, владата задолжена за спроведување на изборите да има мандат до нивното завршување, а потоа, министрите на СДСМ да се повлечат.
Експертите велат дека целта на СДСМ е и по изборите, да продолжи со креирање тензии и да се обиде да го спречи формирањето на нова влада и на тој начин нивните министри да останат на функциите уште подолг период без да бидат избрани од граѓаните. 
Изговорот на опозицијата според информациите кои опозиционерите ги споделуваат со медиумите кои ги имаат под директна финансиска и уредувачка контрола е дека со останувањето на нивните министри на позициите, ќе се спречеле евентуални обиди за манипулации со пребројувањето на гласовите по изборите. Сепак, оние кои ја следат политичката состојба во земјава велат дека опозицијата ќе мора да најде подобар изговор бидејќи за броењето на гласовите е задолжена Државната изборна комисија каде СДСМ има мнозинство и Претседател кој го држи под контрола.
Доколку партиите ги усогласат ставовите до крајот на оваа недела, ДИК би можел да ја почне теренската проверка на 40.000 гласачи. Во таква ситуација како проектиран датум на кој би можеле да се одржат изборите се споменува 11 декември, а техничката влада би можела да се формира на крајот на август, односно почетокот на септември.
Партиски извори за Press24 велат дека по паузата за викендот денеска се очекува да продолжат преговорите на ниво на партиски претставници. Доколку се постигне некаков договор, тогаш ќе се создадат услови и за одржување на лидерска средба.

 
 
18.07.2016 - 10:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега