Пивофест оваа година ги надмина очекувањата

Четиринаесетото издание на „Пиво фест“ што од 14 до 17 јули се одржа во Прилеп ги оправда очекувањата, констатираа на денешната прес-конфереција прилепската локална самоуправа и невладината организација Центар за граѓански иницијативи, организатори на оваа летна манифестација.
- „Пиво фест“ прерасна во бренд на Прилеп и на Македонија. Годинава стотици илјади гости дојдоа од цела Македонија и од странство и јас би рекол, манифестацијата стана надвременска, зашто и покрај дождовите речиси секој ден, ништо не го наруши функционирањето на манифестацијата четирите фестивалски дена, рече градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески.
Тој појасни дека градот има бенефит од фестивалот, но битно е, подвлече, што сите институции беа на највисоко ниво на приправност за хигиената, сообраќајниот метеж и безбедноста на гостите. најави дека веднаш почнуваат подготовки за новото, јубилејно издание на фестивалот.
- В година „Пиво фест“ ќе слави 15-годишнина. Ќе се обидеме да донесеме и светски атрактивни музички имиња. Инаку годинашниве македонски и балкански музички ѕвезди не го чинеа скапо фестивалот, единствено најплатена беше групата на завршната вечер, синоќа, „Парни ваљак“, објасни Ристески.
Според Талија Петреска од невладината ЦГИ во сите четири фестивалски дена безбедноста на гостите била на највисоко ниво, а и имало и висок степен на сообраќаен ред, ако се земе предвид дека само во саботата се поставија нови рекорди со 100 илјади посетители и со 20 илјади возила.
18.07.2016 - 15:28
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа