АМС смета дека Блажевски треба да патува за Рио
Агенцијата за млади и спорт (АМС) со став контра Македонскиот олимписки комитет што се однесува до настапот на пливачот Марко Блажевски кој според АМС треба да ја претставува Македонија на Олимписките игри во Рио.
Својот став АМС го изрази преку писмено соопштение во кое се вели:
– Во врска со случувањата во спортската јавност поврзани со прашањето за настап на најдобриот македонски пливач Марко Блажевски во рамки на ЛОИ Рио де Жанеиро 2016, Агенцијата за млади и спорт укажува дека Република Македонија, на најголемиот планетарен спортски настан треба да се претстави со своите најдобри спортисти следејќи ги сите аспекти на духот на олимпизмот. Во случајот на Марко Блажевски, констатираме дека тој, во изминатите неколку години, со успех настапува во рамки на меѓународните спортски натпревари, притоа поправајќи ги своите резултати и достојно претставувајќи ја својата земја. За своите остварени резултати, Марко Блажевски, согласно македонското законодавство, е категоризиран спортист на Република Македонија од меѓународна категорија и за истото повеќе години прима паричен надомест од државата како поддршка за неговото остварување и напорите и понатаму да се развива како спортист. Истовремено, Пливачката федерација на Македонија во повеќе наврати го потенцира Марко Блажевски како свој најуспешен пливач во одредени дисциплини во изминативе неколку години и, секако, преку остварувањето на Б нормата, што согласно правилата на ФИНА го чини перфектно подобен за учество на ЛОИ Рио де Жанеиро 2016 ЛОИ, истата ги има завршено сите формални претпоставки кон ФИНА, ИОК и МОК тој непречено да настапува на Игрите.
Конечно, анализирајќи ги резултатите на потврдените учесници од Република Македонија од останите спортови во рамки на односниот спортски настан, чие учество е потврдено по која било основа, евидентно е дека Марко Блажевски, согласно својот остварен спортски резултат, е помеѓу најдобрите.
Затоа, челосно почитувајќи ја самостојноста и автономијата на сите национални спортски федерации, вклучително и Македонискиот олимписки комитет, како највисока спорска невладина организација во Република Македонија, препорачуваме и апелираме МОК да ги почитува остварените резултати на Марко Блажевски и недвосмислената поддршка што Пливачката федерација на Македонија ја дава овој пливач да ја претставува Република Македонија на пливачкиот турнир на ЛОИ Рио де Жанеиро 2016.“
Останува да се види дали МОК ќе го смени ставот и дали Блажевски кој деновиве потврди дека е во одлична форма поправајќи го државниот рекорд, ќе биде дел од македонската делегација на Олумпијадата во Рио.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа