Преговорите и вечерва завршија без договор

 

Разговорите меѓу претставниците на четирите политички партии потписници на Договорот од Пржино за отворените прашања што го попречуваат решавањето на политичката криза и вечерва завршија без договор. 

Американскиот амбасадор во Скопје Џес Бејли по завршувањето на средбата изјави дека денеска не е постигнат договор меѓу партиите, но изрази надеж дека тоа може да се случи наскоро. Најави дека разговорите ќе продолжат во текот на утрешниот ден.

- Не можам да потврдам дека имаме договор. Она што можам да го кажам е дека на маса има нова интересна идеја. Како што кажав и во петокот овој договор е многу важен за земјата, важен е за Европската унија и САД. Партиите ќе ја разгледаат можноста и ќе продолжиме утре, рече Бејли. 

Претставниците на политичките партии кои учествуваат на преговорите, Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ,  Радмила Шеќеринска од СДСМ, Артан Груби од ДУИ и Имер Алиу од ДПА, не дадоа изјава за медиумите.

Поради отсуството од земјата на амбасадорот на ЕУ Аиво Орав, кој е на консултации во Брисел, средбата на преставниците на политичките партии денеска се одржуваше во резиденцијата на американскиот амбасадор во Скопје.

 
 
18.07.2016 - 22:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега