„Дневник“: СДСМ нема одговор што е спорно во новиот Закон за полицијата

Kои одредби од новиот закон за полиција се спорни за Социјалдемократскиот сојуз, според кои, како што велат, министерот бил заштитен како англиска кралица? На ова прашање од партијата не сакаат да дадат конкретно објаснување, туку во писмен одговор за „Дневник“ го повторија она што деновиве го изјавуваат пред медиумите, дека министерот за внатрешни работи мора да има полни ингеренции, како и сите други министри во согласност со Законот за Владата и постигнатиот договор во Пржино.

Откако СДСМ го постави како нова црвена линија тоа дека не прифаќа компромиси во врска со ингеренциите на министерот за внатрешни работи, лебди дилемата дали крајната цел на овој услов е тенденцијата министерот поставен од нив да може да разрешува началници и други раководни лица во периодот од стоте дена пред изборите, со цел да поставува свои кадри. На ова се надоврзува и прашањето каков бенефит ќе донесат таквите промени во насока на обезбедување терен за фер и демократски избори за само 100 дена?

Ниту на оваа дилема од СДСМ не дадоа конкретен одговор, но индиректно потврдија дека крајната цел на нивниот притисок, всушност, е враќање на моќта на техничкиот министер од нивните редови да може да разрешува и да поставува свои кадри.

– Измените на законите за полиција се направени од страна на власта на шверцерски начин и недозволиво ограничуваат ингеренции на министерот за внатрешни работи. Неопходно е Законот за внатрешните работи и Законот за полицијата да бидат вратени во првобитната состојба. Доколку министерот мора да ги преземе сите одговорности, мора да ги има и сите права што тоа му го овозможуваат, како и сите други министри во Владата – велат од СДСМ за ДНЕВНИК.

Досега коментари за суштината на законот слушнавме само од министерот Митко Чавков, според кој, измените се направени за да се ограничи партиското менување на кадрите, без разлика од чии редови и да е шефот на министерството, и тоа не само за време на стоте дена, ами долгорочно.

Целта, како што рече тој, да се обезбедат системски решенија, а не измени за дневно-политички цели. Што практично значи дека и неговите раце се врзани откако законот е во сила.

– Веројатно такви системски решенија не им одговараат ниту сега ниту во иднина. Во Законот за внатрешните работи утврдивме систем на кариера каде што утврдивме девет категории хиерархиски нивоа на работни места. Нашата интенција е унапредувањата да бидат регулирани законски со точни утврдени и прецизирани критериуми напишани во Законот за внатрешните работи. Овој систем е зајакнат преку претходна обука, кој секој полициски службеник треба да ја има поминато доколку сака да се развива во кариерата или сака од едно да премине на друго хиерархиско ниво. На тој начин сакаме да ставиме апсолутен ред во унапредувањето според критериуми и заслуги – објасни Чавков викендов.

Во однос на преговорите на политичките партии за договорот во Пржино во делот за ингеренциите на министерот за внатрешни работи во преодната влада, Чавков појасни дека ниту една ингеренција на министерот за внатрешни прашање не е доведена во прашање.

 
 
19.07.2016 - 10:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега