Душко Тодевски - уште еден во низата успешни примери за самовработување

Душко Тодевски е еден од многуте кои успешно ги помина обуките од програмата „Самовработување“ и го искористи грантот од неповратни средства за развивање на сопствен бизнис. Тој преку оваа програма, која се применува од 2007 година преку Министерството за труд и социјална политика, почна да се занимава со трговија и услуги за чевли.

-Бевме на обука 2015 година, грантот го земавме на крајот на 2015 и се стартуваше некаде пред крајот на годината. Потоа започнавме со работа, почнавме со еден вработен, значи јас и уште еден вработен. Во обуките имаше базични бизнис вештини кои ќе ни бидат потребни во бизнисот, ни дадоа предзнаење и можност за да се слушне нешто ново. Со грантот се дава една можност во секој случај, но бизнисот не е само грантот. Во бизнисот треба и работа, добри математики и добри калкулации, во бизнисот клиентите се секогаш на прво место, меѓутоа на почеток  секогаш е добро да се има една таква поволност за да може да се реализира она што е замислено како идеја, со помош на грант. Во секој почеток се има потреба од некои средства почетни и затоа во секој случај е поволност и голема помош за да се стартува, вели Тодевски за КУРИР.

Тодевски упати и апел до останатите кои ја разгледуваат програмата „Самовработување“ и сакаат да бидат дел од неа.

-Треба добро да се направат сите математики и калкулации за кога ќе почне работењето да можат што подобро да бидат подготвени за сите работи што ќе се случат тековно, додава тој и не ја исклучува можноста во иднина да го прошири бизнисот и да има дополнителни вработувања во неговата фирма.

Сертификати за грантови во износ од неповратни 185 илјади денари за развивање сопствен бизнис вчера добија уште 500 невработени лица кои успешно ги поминаа обуките од програмата „Самовработување“.

Инаку, оваа програма се применува од 2007 година и од тогаш преку неа се отворени околу 7.800 мали компании кои почнале со еден вработен, а некои од нив се развиле во стабилни субјекти со пет до 20 вработени.

-Грантовите за самовработување ги доделуваме неколку години и дава успешни резултати. Досега 7.750 компании се формирани само преку оваа мерка. За оваа година имаме обезбедено 207.800.000 денари за финансиска поддршка за основање 920 мали компании. Ја завршивме првата фаза од грантирањето за самовработување за 2016 година, со тоа што во текот на овој месец очекуваме да се формираат 500 мали компании со финансиска поддршка од Владата на РМ во износ од 185 илјади денари неповратни средства за набавка на опрема и репроматеријали, изјави вчера министерот Диме Спасов.

Очекува годинава само преку оваа мерка да се отворат над илјада работни места, а што е најважно, како што рече, да се помогне во реализацијата на бизнис-идеите на лицата кои во моментов се невработени, а кои поминале квалитетна обука во соработка со УНДП.

По овој, прв циклус, во септември ќе има и втор во оваа година, кој се очекува да заврши на крајот на ноември и да се формираат уште над 400 мали компании, односно повеќе од 900  преку овој проект во 2016 година.

 
 
19.07.2016 - 12:40
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега