Продолжија разговорите за излез од кризата во Клубот на пратеници

 

Разговорите меѓу претставниците на четирите политички партии потписници на Договорот од Пржино за отворените прашања што го попречуваат решавањето на политичката криза, продолжија денеска во Клубот на пратениците. 

Пред средбата изјави за медиумите дадоа претставниците на ВМРО-ДПМНЕ, на СДСМ и на ДУИ, Никола Тодоров, Радмила Шекеринска и Артан Груби. Тодоров и Шекеринска ги повторија веќе изнесените ставови во врска со прашањата за ингеренциите на министерот за внатрешни работи, но не сакаа да соопштаат кои се новите идеи што произлегле на вчерашаната средба, според тврдењата на амбасадорот на САД Џес Бејли. Груби, пак, од ДУИ рече дека е оптимист оти разговорите може да завршат уште денеска или утре доколку македонските партии ги надминат разликите бидејќи тие биле минимални. Доколку се постигне договор сега, според него, избори би можеле да се одржат на 11 декември. 

На средбата присуствуваат и Имер Алиу од ДПА, амбасадорот на САД Џес Бејли и претставник на мисијата на ЕУ во отсуство на амбасадорот Аиво Орав. 

Американскиот амбасадор во Скопје Бејли по завршувањето на вчерашната средба изјави дека не е постигнат договор меѓу партиите, но изрази надеж дека тоа може да се случи наскоро. Најави дека разговорите ќе продолжат денеска.

- Не можам да потврдам дека имаме договор. Она што можам да го кажам е дека на маса има нова интересна идеја. Како што кажав и во петокот овој договор е многу важен за земјата, важен е за Европската унија и САД. Партиите ќе ја разгледаат можноста и ќе продолжиме утре, рече Бејли.

 
 
19.07.2016 - 13:31
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега