Струмичани се богателе со помош на лажна платежна картичка

Единицата за компјутерски криминал при Центарот  за сузбивање организиран и сериозен криминал до Основното јавно обвинителство Струмица поднесе кривична пријава против две лица македонски државјани, 22-годишниот С.В. и 32-годишниот В.М. од Струмица, за „Изработка и употреба на лажна платежна картичка“.

Имено, како што соопшти Министерството за внатрешни работи, пријавениот С.В. откако претходно на Интернет прибавил банкарски податоци од брендирани вистински платежни картички и податоци за носителите на тие платежни картички-странски државјани од Соединетите Американски Држави, Канада, Аргентина, Франција, Мексико, Турција, Бразил, Австралија, Италија, Германија, Индонезија, Зимбабве и други со цел да се стекне со противправна имотна корист во периодот од два месеца (август-септември) 2011 година, извршил успешни и неуспешни нелегални трансакции во интернет трговија на македонски веб портали со што го сторил кривично дело – „изработка и употреба на лажна платежна картичка“, а второпријавената со ставање на располагање на средства за извршување на кривично дело – компјутер, му помогнала на С.В. во извршување на наведеното кривично дело.

По однос на овој случај, добиена е пријава од банка за извршени сомнителни успешни и неуспешни транскации, при што од страна на ЕКК се преземени мерки и активности за пронаоѓање на лица коишто се инволвирани во вршење на нелегални трансакции, при што е утврдено дека се работи за пријавените лица. По обезбедени судски Наредби за претрес на дом и други простории извршен е претрес во домот на првопријавениот при што пронајдените и со потврда за привремено одземени предмети се одземени: еден компјутер, два хард диска и други предмети, а при извршен претрес во домот на В.М., пронајден е и одземен еден лаптоп и фактура за сметка од мобилен оператор за која било извршено плаќање со нелегални трансакции од платежни картички со странски податоци.

Одземената компјутерска опрема е предадена на Одделот за крим-техника на МВР, при што по извршеното вештачење пронајдени се податоците за платежни картички и голем број на кориснички имиња и лозинки од мејл адреси на странски корисници со потполни податоци, стои во соопштението од МВР. 

ФОТО: Капитал

најчитано сега