Одделот за криминалистички испитувања доби сертификат за компетентност

Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при МВР денеска доби сертификат за компетентност на лабораториите за тестирање и калибрација што го доделува Институтот за акредитација на Република Македонија.

Оваа акредитација значи дека резултатите кои се добиваат од лабораторитее при Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења ќе бидат меѓународно признати, односно ќе можат да бидат преземени и пред меѓународно кривично-правни судови. 

- Оценувањето на трите лаборатории и функционалноста на Одделот во однос на потребниот стандард, нагласи министерот за внатрешни работи Митко Чавков, кој го прими сертификатот, е спроведено на 1 јули оваа година. Акредитирани се лабораториите за ДНК идентификација, анализа на дроги и за испитување спорни документи. 

- Реализацијата на овој процес за форензичките лаборатории и за Министерството е од голема важност. Со добивањето на сертификатот за акредитација се потврдува компетентноста на експертите и стандардизацијата на методите за анализа и вештачење на доказниот материјал, рече министерот Чавков. 

Потенцира дека акредитацијата ќе овозможи и континуитет во членството на форензичките лаборатории во најреномираната европска асоцијација од областа на форензиката - Европската мрежа на форензички научни институти. 

Според директорот на Инстититот за акредитација Трпе Ристовски, оценувањето на овој Оддел при МВР претставувал особен предизвик за Институот, имајќи ја предвид спецификата со која се работи испитувањето во овие три лаборатории, кои се акредитирани.

- Целокупната постапка за спроведување на акредитацијата е реализирана со меѓународен тим бидејќи со оваа акредитација лабораториите стануваат препознатливи во европски и светски рамки во областа на криминалистичко-техничките испитувања, рече Ристовски. 

Сертификатот за компетентност на лабораториите за тестирање и калибрација, како што рече тој, претставува условно членство во сите меѓународни организации од областа на форензиката.

 
 
26.07.2016 - 11:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега