МФ: Финализирана продажбата за еврообврзницата - тужби за СДСМ

Финализирана е продажбата на еврообврзницата. Издадени им се обврзниците на инвеститорите, а средствата се уплатени на сметката на Министерството за финансии во Народната банка.

Како што соопшти Министерството за финансии, согласно постапката за издавање еврообврзница, денеска е потпишано и приложено правното мислење потпишано од министерот за правда кое се издава на денот на трансакцијата, односно уплатата на средствата и запишувањето на обврзниците на име на инвеститорите.

- Од денот на аукцијата до денот на финализирањето на продажбата на еврообврзницата со уплата на средства и запишување на сопственост, се средува документацијата - период кој беше искористен од страна на опозицијата да шири невистини во јавност со неточно толкување на законската регулатива, наведува Министерството.

Додава и дека со кампањата спроведена од СДСМ изминатиот период беше нанесена штета по угледот на Министерството за финансии, министерот за финансии и владиниот тим што учествуваше во постапката, но и материјална штета по сите граѓани на Република Македонија преку подигање на каматната стапка како резултат на ефектите од таа кампања.

- Црната кампања придонесе за штета од околу 25 милиони евра по основ зголемена каматна стапка, средства кои неоправдано Република Македонија и граѓаните на Република Македонија ќе ги плаќаат во наредните седум години. Со цел да се заштити меѓународниот углед на државата и на Министерството за финансии, ќе ги преземеме сите законски мерки за да се санкционира своеволието и неоправданото дејствување на опозициската СДСМ, кое е се освен одговорно однесување на една политичка партија која се грижи за доброто на граѓаните, стои во соопштението од Министерството за финансии.

 
 
26.07.2016 - 15:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега