Заев: Ад-хок телото ќе придонесе кон подобрување на медиумската состојба

На конкурсот за ад-хок телото за медиуми се пријавиле 20-тина кандидати од различна етничка припадност. Неговото формирање на 100 дена пред изборите ќе придонесе кон подобрување на состојбата во медиумската сфера, изјави денеска во Струга лидерот на СДСМ Зоран Заев.

- Сакаме да го направиме тоа на најтранспарентен начин, на начин во кој ќе покажеме различност од власта. Нашата цел не е партиите да поставуваат луѓе. Пративме апел до експерти и професионалци да се кандидираат на овој конкурс, а деновиве се изградени и критериумите согласно искуството, професионалното ангажирање на овие луѓе што конкурирале за да може да ја извршат мониторинг функцијата што ќе ја има мониторинг телото, рече Заев на новинарско прашање.

Нагласи дека тоа ќе бидат професионалци бидејќи, според Заев, многу е важно избалансираното медиумско претставување, професионалните стандарди, етичкиот кодекс и да престане, како што вели, ширењето на омразата и демонизацијата на опозицијата.

- Досега има пријавено кандидати од различни етнички заедници и се надевам дека рангирањето ќе донесе мултиетнички предлози. Верувам во независноста на тоа тело кое ќе има сериозен придонес кон подобрување на медиумската состојба во тие 100 дена, но и да испрати силна порака дека може поинаку со медиумите во Реоублика Македонија, изјави Заев.

Во врска со очекувањата за намалување на спорните гласачи, рече дека прочистувањето на Избирачкиот список ќе ги отклони сите можности за фалсификат кои власта би можела да ги прави.

- Во вториот дел на избирачкиот список се ставаат 171.500 гласачи, кои не го губат правото на гласање, туку нашите членови на избирачките одбори и посматрачи ќе очекуваат и ќе знаат кој е идентитетот на тие граѓани, рече Заев. 

Тој за време на посета на Струга имаше средби со граѓаани на кои информира дека бил запознаен со проблемите со кои се соочуваат стружани. Оцени дека Струга е заборавена од актуелната власт.

Обвини дека условите во училиштата и болниците се лоши, полициската станица дека треба да се реновира, како и дека има населени места без канализациски систем, посочувајќи дека доколку СДСМ дојде на власт овие проблеми ќе бидат решени.

- Децата во Струга не знаат дали ќе почне школската година со струја во училиштата. Урнисани се условите комплетно во самите училишта, во болниците, во здравството, полициската станица мора да се реновира, градскиот базен е заборавен. Ова се секојдневни актуелни проблеми коишто го отсликуваат животот на граѓаните, рече Заев.

Доколку неговата партија дојде на власт најави дека ќе почнат со решавање на проблемите на граѓаните и особено за младите.

- Конечна цел е да создадеме услови каде младите ќе бидат мотивирани да останат овде. Целиот ангажман ќе биде насочен сите млади луѓе да бидат веднаш најбрзо обезбедени со работа и тоа квалитетна работа. Целта е да ги задржиме младите овде и да го вратиме оној огромен процент млади луѓе кои заминаа, истакна Заев.

Ја поздрави изградбта на спортски објекти од страна на актуелната власт, посочувајќи дека целта им е младите да спортуваат, но, како што рече и да се наполнат спортските сали и игралиштата што се изградени во Македонија.

- Конкретно со финансиска поддршка и преку мотивација на бизнис секторот да направиме амбиент да секој млад човек спортува. Да создадеме услови кадешто обврска на секој родител ќе биде неговото дете да спортува одреден спорт. Да биде пуштен да тренира, не мора да стане професионален спортист, но барем да рекреира бидејќи тоа е многу важно и за здравјето и за целокупниот дух на живот на малдите генерации, рече Заев.

 
 
05.08.2016 - 19:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега