Делчево собира донации за погодените подрачја

Општина Делчево се вклучува во донаторската акција за собирање средства за настраданите од поплавите во Скопје и Тетово. Денеска на отворениот пункт пред просториите на ОО на Црвениот крст на Македонија, вработените од Општината и градоначалникот Дарко Шехтански од свои средства донираа храна, вода и средства за хигиена за настраданите семејства во поплавите.

Градоначалникот Шехтански апелираше до сите фирми и поединци да се вклучат во акцијата.

- Со мој личен пример сакам да ги повикам сите поединци, фирми во Делчево да донираат за семејствата во настраданите подрачја од поплавите. Сакам да истакнам дека ова е наша првична реакција, а деновиве заедно со Советот на Општина Делчево ќе донесеме одлука за да извоиме средства кои ќе се уплатат на донаторските жиро-сметки, рече Шехтански.

Под мотото „Делчево за Скопје“ се одвиваше акцијата во Делчево на пунктот пред Црвениот крст кој ќе биде отворен вечерва до 20 часот. Невенка Христова, секретар на ОО на Црвениот крст Делчево, истакна дека за оваа акција се ангажирани десетина волонтери од Делчево.

- Апелирам да граѓаните да го посетат пунктот и уште еднаш делчевци да ја покажат својата хуманост како и многу пати претходно. Според анализите од теренот каде се поплавените подрачја, неопходни во моментов се вода, конзервирана храна, храна за бебиња, пелен, средства за хигиена и слично. Граѓаните денеска од 10 часот претпладне донираат, ни сме задоволни од одѕивот, рече Христова.

Помош за настраданите од поплавите ќе се собираат и наредните денови во просториите на Црвен крст во Делчево.

Донаторска акција се организира и во Берово со поддршка на Општина Берово и ОО на Црвениот крст. Од Општината ги повикуваат граѓаните на Општина Берово да ја покажат својата хуманост на дело и да ја дадат својата помош во собирниот пункт во Бизнис инкубаторот во Берово кој е отворен од денеска до четврток во временскиот период од 8.30 до 16.30 часот.

 
 
08.08.2016 - 14:50
Фото: 
Миа

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега