Кај Старата железничка станица ќе се гради подземна сообраќајница

Градежната компанија Лимак најавува дека наскоро ќе почне изградбата на комплексот кај Старата железничка станица вклучително и тунелот кој треба да го олесни сообраќајот.

Како што соопштуваат од компанијата проектот го помина периодот на планирање, така што ќе се гради современ, атрактивен, мултифункционален деловно – резиденцијален комплекс кој ќе има за цел да го спои симболот на градот – Старата железничка станица со модерните потреби и животни навики на граѓаните на Скопје.

Тунелот ќе биде двонасочен коловоз во 6 ленти со должина од 800 метри, ќе го  дислоцира булеварот Македонија под земја и во голема мера ќе придонесе за олеснување на сообраќајниот метеж во Скопје.

Станува збор, наведуваат од компанијата, за модерна подземна улица, налик на европските метрополи која од двете страни ќе биде поврзана со новите кружни текови кои се планираат во овој дел од градот.

Површината на вкупниот проект ќе биде околу 300.000 квадратни метри. Комплексот ќе вклучува околу 1.000 станови во 20-катни згради со по 1, 2 или 3 спални соби, канцеларии, трговски центар, хотел, простор за слободни културни активности каде ќе биде сместен Музејот, ќе има места за јадење и пиење, фитнес центар, казино и паркинг со капацитет за околу 2.000 автомобили.

Постоечката зграда на Музеј на град Скопје, како што појаснуваат, која се планира да биде возобновена од градските власти, ќе биде умешно вградена во рамки на комплексот.

 
 
09.08.2016 - 11:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега