Заев: Потребни се возила за собирање на оштетените работи од поплавените домови

Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска ги посети поплавените подрачја во Инџиково, Црешево, Стајковци и соопшти дека од утрото екипи на општините  Центар, Куманово и Струмица ги продолжуваат активностите од вчера за помош на населението од Сингелиќ и Смилковци. 

- Покрај специјализираните возила кои доаѓаат од општините коишто се раководени на СДСМ, испратени се пет мали камиончиња со носивост од два до пет тона и неколку скипери кои, навистина, им требаат на граѓаните за да може да ги натоварат сите оштетени работи што  од своите домови ги имаат изнесено во дворовите и пред самите улици. Најголема е потребата за тоа и апелираме да се испратат вакви камиончиња и други скипери за да може да се отстранат оштетените работи од самите улици, изјави Заев, повикувајќи ги пред се  урбаните општини зашто имаат своја механизација и свои специјализирани возила. 

Следна потреба од големо значење, рече тој, е Градот Скопје и општината Гази Баба да донесат одлуки за претоварни станици за отпадот во близина на сите загрозени населени места. Тоа ќе им овозможи на граѓаните уште полесно, во близината на своите места, да го отстрануваат отпадот и со возила понатаму комуналните претпријатија од градот Скопје да го носат на соодветните депонии.

- Ова, во моментот, според наши проценки, е нешто најважно, покрај помошта којашто им е потребна на граѓаните. Денеска доаѓаат и неколку шлепери со вода, неколку комбиња со други прехранбени намирници, ќе бидат распоредени по сите овие места, но апелот е, навистина, сите урбани општини да се вклучат, имаат свои механизации и можат многу да му помогнат на локалното население кое трпи несогледливи последици, истакна лидерот на опозициската СДСМ.  

На новинарско прашање дали треба во моментов да се бара виновник за последиците од невремето, одговори дека сега е најпотребно единство и солидарност на сите вклучени во помагањето на граѓаните. 

- Ако дикректно се извадат на површина сите слабости на системот,  тогаш дефинитивно тоа може да предизвика дополнителен револт и гнев кај граѓаните, на кои им е навистина многу болно и тешко во овие моменти. Сега не ни требаат политички поени, не ни требаат борби за гласови или слично, сега им треба помош на граѓаните, таа им е толку насушно неопходна каде што секое политиканство би било калкулација и неискрена помош кон нашите сограѓани, додаде Заев. 

 
 
09.08.2016 - 13:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега